Сметаме дека последните измени на Законот за извршување се катастрофални за граѓаните и очекуваме тие да се повлечат, како и да се свика состанок на кој ќе учествуваме и ние, граѓанските асоцијации, за конечно да се донесе закон кој ќе стави крај на овој грабеж што се врши врз граѓаните. Сѐ уште има предмети од 1990 година, а свесни сме какви криминали застаруваат, вели во интервјуто за „Локално“ Марјан Ристески претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ).
Во интервјуто разговараме и за воведување на личен банкрот, за потребата од зголемување на платите, од потребата за воведување на мерки за заштита на стандардот на граѓаните и …
Барате повлекување на измените на Законот за извршување. Дали сметате дека е прифатливо за долг од 50 денари граѓаните да плаќаат 300 евра?
-Повеќе години сме фокусирани на темата извршители. За жал, можам да кажам дека успеавме да смениме нешто само во делот на каматите, односно издејствувавме тие да не го надминуваат главниот долг. Така на пример ако главниот долг е 1.000 евра, каматата кога ќе достигне 1.000 евра се замрзнува. Сметаме дека последните измени на Законот за извршување се катастрофални за граѓаните и очекуваме тие да се повлечат, како и да се свика состанок на кој ќе учествуваме и ние, граѓанските асоцијации, за конечно да се донесе закон кој ќе стави крај на овој грабеж што се врши врз граѓаните. Сѐ уште има предмети од 1990 година, а свесни сме какви криминали застаруваат. Ова не води никаде, особено во сегашната економска состојба во која се наоѓаат граѓаните. Ние се бориме за зголемување на платите, а замислете со тоа најголема корист ќе имаат извршителите, адвокатите и нотарите, преку поголеми задршки. Сметаме дека на ова мора да му се стави крај, во спротивно сме подготвени да организираме протести. Ние сме спремни да седнеме на маса и да се договориме. Претходно имало состаноци каде биле присутни претставници од повеќе институции, како и адвокати, извршители и нотари, но наместо решение, тие само се расправале меѓу себе. Добро е што по 15–20 години, можеби конечно ќе проработи совеста кај сите засегнати страни. Нашата главна забелешка е дека не може за долг од 50 денари да се ангажира адвокат кој ќе наплати 5–6 илјади денари, па нотар, па извршител, и на крај долгот да достигне до 18.000 денари. Тоа е грабеж. Ние бараме сметката веднаш да оди кај извршител, кој ќе го повика граѓанинот и тој ќе ја плати. Нема потреба од вакви дополнителни трошоци. Суштината на законот треба да биде наплата на главниот долг. Ние не сме против плаќање на долговите, но трошоците не смеат да го надминуваат основниот долг и законот не смее да дозволи одредени структури да се богатат на грбот на граѓаните. Дополнително, бараме да има минимум, односно да неможе за сметка од 500 денари да те дадат на извршител. За жал порано имало случаи да се покренува извршување и за долг од еден денар.
Гувернерот најави можност за воведување личен банкрот. Дали сметате дека оваа мерка навистина ќе ги спаси граѓаните од должничко ропство или се потребни и дополнителни системски решенија?
-Нашето барање за воведување личен банкрот конечно наиде на слух кај дел од институциите. Гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски, изјави дека ќе се залага за воведување на личен банкрот, механизам кој одамна постои во многу држави. Тоа значи дека доколку еден граѓанин или компанија има висок долг, ќе се назначи стечаен управник кој ќе ги процени неговите примања, семејната состојба и основните потреби. Ќе му се остават средства за нормален живот и ќе се утврди рок три или пет години во кој ќе треба да ги отплати долговите. По истекот на тој период, преостанатите долгови се бришат и на лицето му се овозможува нов почеток и нормално функционирање. Во моментов има околу еден милион предмети и околу 200 илјади блокирани сметки. Имаме случаи каде долговите се пренесуваат на семејството, па дури и на децата, на ова мора да му се стави крај. Исто така, постојат случаи каде за долг од 5–6 илјади евра, граѓаните остануваат без стан или куќа. Бараме јасно правило, доколку недвижниот имот не е ставен под хипотека, да не може да биде одземен. Ова се дел од нашите клучни барања кои инсистираме да бидат вметнати во новиот закон за извршување и од кои нема да отстапиме. Дополнително, сериозен проблем се и т.н. брзи кредити, кои буквално ги доведуваат граѓаните во должничко ропство. Се рекламираат со 0% камата, но во пракса имаат бројни скриени трошоци. Граѓаните не се информираат дека и еднодневно доцнење може да значи дополнителни 5.000 денари. Има случаи каде за позајмени 20 илјади денари, се враќаат и до 100 илјади. Овие долгови на крај завршуваат кај извршители и повторно товарот паѓа врз граѓаните. Во делот на извршувањето, сметаме дека мора да постои застареност на долговите. Доколку во рок од 10 години долгот не се наплати, тој треба да се отпише. Ваква измена беше донесена и помина на Уставен суд, но по шест месеци беше повлечена. Апсурдно е за сметки да нема застареност, а за милионски криминали да постои. Тоа е сериозна неправда. Доколку се воведе личен банкрот, тоа ќе влијае и врз финансиските друштва. Нема така лесно да се одобруваат брзи кредити, бидејќи ќе знаат дека доколку граѓанинот прогласи личен банкрот, постои можност да не си ги наплатат средствата. Тоа ќе доведе до построги критериуми и поодговорно кредитирање, наместо сегашната пракса каде кредити се одобруваат речиси на секого.
Треба ли да се зголеми минималната плата и дали како синдикат предложивте некое решение како да се направи тоа?
-Факт е дека минималната плата е најниска во регионот и мора да се зголеми. Тоа треба да се решава на Економско-социјалниот совет, каде ќе се води вистински социјален дијалог и ќе се вкрстат аргументите и фактите. Вака, Владата вели работниците и работодавачите сами да се договорат, а таа ќе го почитува договореното. Тоа не може да функционира така. Ние ѝ предложивме на Владата да постави рок до кога треба да се постигне тој договор. Предложивме и конкретна мерка Владата да донесе одлука секоја компанија со повеќе од 10 вработени да има колективен договор. Во Македонија има околу 700 илјади вработени, од кои околу 120 илјади се во јавниот сектор. Во јавниот сектор постои социјален дијалог, се потпишуваат колективни договори и платите растат. Но, во приватниот сектор состојбата е катастрофална. Затоа Владата мора да даде рок сите компании да потпишат колективни договори. Доколку вработените имаат колективен договор со работодавачот, ќе знаат колкава ќе им биде платата, како ќе се зголемува и кои права ги имаат. Но, за тоа да се случи, Владата мора да создаде обврска и услови. Потребно е и секторско решение, односно да се утврди минимална плата по дејности колку во градежништво, колку во текстилната индустрија, колку во трговијата и во другите сектори. Сметам дека ова е добро решение и очекуваме на следната седница на Економско-социјалниот совет да се отвори ова прашање. Не треба политичките партии да се мешаат во работата на синдикатите. Случувањата со Конфедерација на слободни синдикати создаваат сомнеж дека постои одредено влијание од Владата, што не е добро. На тој начин губи самата Влада. Доколку има силни и независни синдикати, ќе има и посилна економија и повисоки плати. Во вакви услови, синдикатите тешко можат сами да направат поголеми промени. Затоа постои иницијатива за формирање ново движење, па дури и политичка партија, која ќе се занимава со овие проблеми и ќе го пренесе гласот на граѓаните таму каде што се носат одлуките.
Ќе се реши ли праксата вработените да се држат на работа со договори на дело кои траат со години. Ваквата несигурност на работните места е една од причините зашто младите си одат?
-Секоја година измените на Законот за работни односи се вметнуваат во програмата на Владата, но се влечкаат со години. Постои пракса со договори на дело или времени вработувања работниците да се држат непријавени една година, три, пет па дури и десет години. Во здравството имавме случаи каде медицински сестри, лаборанти, болничари и физиотерапевти работеле и по 12 години на договор на дело. Според правилата, ваквите договори треба да траат најмногу од шест месеци до една година. Ваквата несигурност ги тера младите да ги напуштаат работните места, бидејќи им не тече стаж и не можат да добијат станбен кредит. Доколку еден млад брачен пар има постојан работен однос, може да земе кредит и тоа создава стабилност. Истовремено, ако вработениот има сигурен договор, тој ќе се труди повеќе и ќе придонесува за развојот на компанијата.
Дали ќе се преземат мерки да се промени сегашната нерамноправна поделба на профитот во компаниите, каде 70% оди кај газдите, а само 30% кај работниците?
-Кај нас најголем дел од профитот на компаниите оди кај газдите, околу 70% се задржува за сопствениците, додека само 30% оди за плати на работниците. Ова треба да се промени, бидејќи во многу држави процесот е обратен — 60 до 70% од профитот оди за вработените. Компаниите прават големи добивки, но не ги зголемуваат платите, па работниците се принудени да заминат. Ова е една од причините што многу македонски работници заминаа на работа во Западна Европа, САД, Австралија, Канада…. Во меѓувреме, кај нас започна увоз на работна сила од земји како Непал и Индија, но и тие кога ќе видат колку се платите, не остануваат долго.
Сметате ли дека Владата треба да донесе мерки да ги ублажи последиците од растот на цените на нафтените деривати и да го зачува стандардот на граѓаните?
-Војната на Блискиот Исток влијае врз цените на нафтените деривати, а тие пак директно влијаат врз инфлацијата и растот на цените во маркетите. Платите не растат со истиот интензитет и навистина е потребно да се седне и да се разговара за да се најде некое решение. Се надеваме дека кризата ќе заврши брзо, бидејќи ако потрае, како мала економија ќе ни биде многу тешко. Во минатото сме биле сведоци како помали кризи не можевме да ги надминеме, а сега во вакви услови стандардот на граѓаните сериозно е загрозен. И земјоделците се доведени во тежок положба поради растот на цените на репроматеријалите и на зелената нафта. Потребни се итни мерки за да се ублажат овие ефекти и да се зачува економската стабилност.
Б.С.