Украинската делегација во саботата одржа состанок со претставници на Соединетите Американски Држави, а разговорите ќе продолжат денес, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека е важно сите да продолжат со дипломатијата.
„Важно е за сите нас во светот дипломатијата да продолжи и да се обидеме да ја завршиме оваа војна – војната на Русија против Украина. На никого не му треба војна. Тимовите ќе продолжат да комуницираат утре“, рече Зеленски во видео обраќање синоќа, пренесува Укринформ.
Според него, најважно е да се разбере колку руската страна е подготвена да оди до вистински крај на војната и колку е подготвена да го стори тоа чесно и достоинствено.
„Особено сега, кога геополитичките проблеми само се зголемија поради иранската ситуација“, заклучи украинскиот лидер.
Украинската делегација вчера пристигна во Мајами, Флорида, на преговори со претставници на САД.
Украинскиот тим го сочинуваат секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, началникот на кабинетот на претседателот на Украина Кирил Буданов, првиот заменик-шеф на претседателската администрација Сергеј Кисља и шефот на парламентарната фракција „Слуга на народот“, Давид Арахамија.
Американската страна ја претставуваат специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.