Груби останува во куќен притвор

Според неговата одбрана, екс-вицепремиерот досега не дал исказ пред обвинител

од Nikola Popovski
10 прегледи Фото: Фејсбук/Артан Груби

На Артан Груби му е продолжен домашниот притвор во истрагата за злоупотребите во Државна Лотарија. Од скопскиот Кривичен суд потврдиле дека по барање на обвинителството пред државниот празник, за Груби е продолжен домашниот притвор со 24-часовно полициско обезбедување.

Груби, кој се врати во земјава на 23 февруари по повеќе од 14 месеци бегство, е првоосомничен во случајот за сомнителни набавки на апарати за видео-лотарија (ВЛТ), со кои според проценките на МВР, државниот буџет бил оштетен за повеќе од 8 милиони евра.

Случајот веќе предизвикува силни реакции во јавноста, особено поради одлуката за домашен притвор, имајќи предвид дека станува збор за поранешен висок државен функционер.

И покрај тоа што за вакви дела вообичаено се одредува затворски притвор, во случајот на Груби пресудни беа безбедносните сознанија на АНБ и МВР за можни закани по неговиот живот, вклучително и разузнавачки информации за ангажирање платени убијци од соседна држава, што му овозможи мерката да ја издржува дома наместо во затворските установи.

Според неговата одбрана, Груби досега не дал исказ пред обвинител, а одбраната речиси завршила со разгледување на документацијата во предметот.

Груби е осомничен за „Проневера во службата“ затоа што како вицепремиер претседавал со седницата на која Владата ја задолжила Државна лотарија да набави ВЛТ-терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа. По истрагата имаше правни толкувања дека Груби, иако претседавал со седницата, не може да одговара за колективна одлука на Владата.