Во мај или јуни ќе се случи реконструкција на Владата, по што ќе се знае кој од министрите ќе замине од илинденска, а кој ќе ја ротира министерската фотелја во друго министерство. Многу од прашањата за време и пред реконструкцијата ќе бидат ставени на маса и ќе разговараме за тоа – рече вчера премиерот Христијан Мицкоски, при тоа посочувајќи дека партнерите имаат коректна соработка и нема намера да разговара со друг политички субјект за влез во владината коалиција.
Вистинска реконструкција или само „шминка“ пред јавноста?
„Не е се подмачкано“ – така може да се сфати реакциите од јавноста и политичките експерти. Според политичкиот аналитичар и новинар, Дритон Зенку, најавите за реконструкција не доаѓаат затоа што „сѐ оди одлично“, туку токму спротивното – затоа што има очигледен јаз меѓу владината реторика и реалната перцепција на терен. Зенку оценува дека кога една влада почнува да зборува за реконструкција по неколку месеци, тоа е сигнал за внатрешни проблеми, слаб учинок во одредени ресори и потреба од политичко репозиционирање.
-Ова повеќе личи на контролирана „козметика“ отколку на суштинска реформа. Вистинска реконструкција би значела јасна одговорност, смена на клучни фигури и нова насока. Но засега, логиката е да се амортизира незадоволството без да се отвори фронт внатре во коалицијата, вели Зенку за „Локално“.

Дритон Зенку/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Според него, албанскиот фактор и коалицискиот партнер е клучен. Во ситуација кога, додава Зенку, ВЛЕН е дел од власта, а ДУИ е во опозиција, секое поместување кај албанските министри има поголема тежина отколку порано.
-Лимани не е „каменот на сопнување“ сам по себе, туку симптом на поширок проблем – недоволна координација, слаб политички капацитет и очекувања кои не се исполнуваат кај албанското гласачко тело, оценува соговорникот.
Околу тоа кое министерство според него, најмногу потфрли и каде треба итен рез, Зенку смета дека најслаби точки се економијата, администрацијата и делови од безбедносниот сектор. Исто така, порачува недостасуваат конкретни резултати што граѓаните директно ги чувствуваат – стандард, инвестиции, ефикасна услуга. Таму е и најголемиот притисок.
Новинарот смета дека кај премиерот Мицкоски најмногу „кочи“ токму балансот меѓу коалициските партнери, меѓу очекувањата и реалноста, и меѓу политичката контрола и административната неспособност.
-Тој има политичка моќ, но извршниот дел не го следи со ист интензитет. И тука се отвора потребата за реконструкција – не како избор, туку како нужност, заклучува Зенку.
Од Владата постојано излегуваат наративи и соопштенија со предзнак „историски“ кога се работи за одлуки, решенија или реформи. За политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, се разбира дека владиниот ПР ќе каже дека ова се историски најдобри резултати и вели дека тоа не е многу за изненадување, но, од тоа има некои работи кои стагнираат, како на пример економската криза која кај нас стана секојдневие и е ендемска карактеристика и недостатокот на пробив во борбата против криминал, корупција и клиентализам.

Петар Арсовски/Фото: Принтскрин
-Тоа акулумира кај гласачите, особено кај неопределените, кои се клуч за идните изборни резултати на сите партии. Најавената реконструкција е обид да се амортизира тоа незадоволство и да се направи некаков рестарт на довербата во владиниот кабинет, тврди Арсовски во изјава за „Локално“,велејќи дека можеби не е упатно да се впуштаме во лични оценки за работата на министрите, но владеењето на правото, квалитетот на здравството, економската ситуација, животниот стандард се категории кои постојано високо се појавуваат на скалата на загриженост кај македонските гласачи.
-Кога имате коалициска влада, секој министер не е само избор на коалицискиот партнер туку мора постои еден консензус во рамките на владејачката коалиција. Тука се кршат копјата околу министерот за социјална политика, Фатмир Лимани. Мислам дека тоа ќе продолжи да биде камен на сопнување затоа што ВЛЕН се наоѓа во една специфична политичка состојба. По долгите најави за спојување, можеби има раздвижување во тој правец, но тоа се уште не е затворена политичка приказна и се додека е така, и други политички влијанија ќе имаат избори на нивните кадрови решенија, дури и во рамките на нивната коалиција внатре, нагласува Арсовски за владината соработка.

Фото: Фејсбук/ВЛЕН
Лимани стана актуелно име изминатиот период, откако Биљал Касами, лидерот на Беса, која е дел од коалицијата ВЛЕН, минатиот месец кажа дека членството на партијата изразило незадоволство од работата на министерот и оти кога ќе дојде на дневен ред реконструкцијата на владата, за овој ресор може да биде предложен друг кадар.
Разликите во владиниот коалициски партнер се продлабочија пред околу 10-тина дена, откако на социјалните мрежи се појави фотографија на министерот Лимани со опозиционерите Ахмети и Таравари при посета на ифтарска вечера организирана од премиерот на Албанија, Еди Рама. Лимани потоа објасни дека во Тирана бил како министер и дека домаќинот го определил распоредот на гостите и отфрли дека зад тоа се крие некаква негова политичка намера.
Станува јасно дека коалицијата ВЛЕН станува „слаба алка“ во владата заради амбициите да се претопи во единствен политички субјект, односно партија, што предизвикува искричења меѓу различните крила во коалицијата. Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, се соочува со неизвесна иднина поради неговото залагање за концептот „Нов сојуз“ и ротирачко претседателство, што е во спротивност со плановите на Касами и Изет Меџити од да направат хомогена партија.
Н.П.