Новинарот Адеми со непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон Јаневска, рекоа од Владата

Владата бара ЗНМ и ССНМ јавно да го осудат односот на новинарот кон министерката

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Владата изразува сериозна загриженост и остра реакција на неодамнешниот настан на јавен медиумски настан, при кој новинарот Невриј Адеми, со, како што велат, очигледно несоодветен тон, непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Особено не загрижува, порачуваат од Владата, фактот што ваквиот непримерен однос не претставува изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција.

-Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор. Воедно, Владата јасно им укажува на сите носители на јавни функции, дека од нив се очекува највисоко ниво на почит и коректност кон медиумите и новинарите. Но, исто така, со еднаква сериозност очекуваме и новинарите да возвратат со ист степен на професионализам, почит и одговорност. Почитта е, и мора да остане, двонасочна вредност во секое демократско општество, порачаа од Владата за вчерашниот случај при владин настан во Тетово и апелираат до Советот за етика во медиумите, Здружението на новинарите и Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници, како релевантни организации, јавно и недвосмислено да го осудат ваквиот чин на однесување.

Од „Илинденска бр.2“ очекуваат активна улога на новинарските здруженија во зајакнување на професионалните стандарди, како и упатување на јасен повик до сите медиумски работници за доследно почитување на етичките принципи, достоинството на личноста и културата на јавен дијалог.

-Ваквите ситуации, кога јавната комуникација се одвива надвор од рамките на пристојноста и меѓусебната почит не смеат да останат без соодветна институционална реакција, имајќи ја предвид нивната поширока импликација врз квалитетот на јавниот дијалог и довербата во институциите.

Како Влада изразуваме и искрена благодарност до сите новинари и медиуми кои со своите јавни реакции веќе јасно, принципиелно и недвосмислено го осудија ваквиот чин, демонстрирајќи високо ниво на професионална зрелост и посветеност кон етичките стандарди. Само преку заемна почит, одговорност и придржување кон високите професионални стандарди може да се гради здрав, демократски и кредибилен медиумски амбиент, кој ќе биде во служба на јавниот интерес, соопштија од Владата.

Вчера, за време на промоцијата на реновираното училиште „Моша Пијаде“ вчера во Тетово, новинарот ѝ постави прашање на министерката за овразование дали при доаѓањето во Тетово со неа донела преведувач, посочувајќи ѝ дека последниот пат кога била во Тетово ѝ укажале дека кога пак ќе доаѓа да си носи преведувач со неа. Јаневска одговори дека не носи преведувач и дека не ѝ треба.

Слични содржини