Владата го одобрила договорот за БРТ, соопшти Ѓорѓиевски

Скопје ќе добие брз автобуски превоз за 70 милиони евра

од Nikola Popovski
51 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели со јавноста дека денес Владата го одобрила Договорот за имплементација на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, еден од најзначајните инфраструктурни зафати за модернизација на јавниот превоз и унапредување на мобилноста во главниот град.

Ѓорѓиевски потенцира БРТ претставува современ систем на јавен превоз кој функционира по принцип на метро на тркала со посебни, одвоени ленти за движење, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила.

-Овој концепт овозможува побрз, сигурен и предвидлив превоз, значително намалување на гужвите и времето на патување, како и намалување на загадувањето, што го прави клучен чекор кон поодржливо и поеколошко Скопје.

Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток–Запад и втората Север-Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во Градот. Со овој Договор прецизно се утврдуваат правата, обврските и меѓусебната координација помеѓу Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје во текот на целокупната имплементација на проектот, објави градоначалникот, потенцирајќи дека средствата од заемот на ЕБОР, во износ од 70 милиони евра, ќе се пренесат на Град Скопје како неповратни средства и ќе се користат исклучиво за реализација на проектот.

Градоначалникот на Град Скопје неодамна во интервју за РСЕ најави дека реализацијата на БРТ ќе почне на терен во 2027 година. Паралелно, рече дека градот ќе инвестира во нови автобуси и инфраструктурни проекти.