ДУИ преку соопштение обвинува дека последната одлука на министерот Иван Стоилковиќ за отпуштање на петмина вработени Албанци во Министерството за односи меѓу заедниците отвора сериозни прашања за начинот на управување со институциите и за стандардите на владеење на правото во државата. Според партијата, дисциплинската постапка е спроведена надвор од законските рокови, што ја прави правно невалидна.
„Одлуката е донесена без доволни докази и без утврдување на индивидуална одговорност. Исто така, постојат сериозни индиции за накнадно конструирање на аргументи и оправдувања за веќе донесена одлука. Изречената мерка, престанок на работниот однос, е несразмерна во однос на наводите. Овие се индикатори на еден опасен модел на одлучување“, истакнуваат од ДУИ.
Според партијата, кога еден министер носи вакви одлуки, тогаш станува збор за арбитрарност.
„Фактот што се работи за петмина вработени Албанци ја прави оваа состојба уште почувствителна и бара целосна транспарентност. Во министерство чија мисија се односите меѓу заедниците, секоја ваква постапка мора да биде над секое сомневање за пристрасност.
Демократската унија за интеграција бара:
– Целосно објавување на сите постапки и одлуки што довеле до овие отпуштања.
– Институционална истрага за почитувањето на законските процедури во овој случај.
– Итно преиспитување на одлуките, во согласност со законот и стандардите на јавната администрација.
Институциите не можат да функционираат врз селективни и правно неосновани одлуки. Секое отстапување од процедурите создава несигурност кај вработените и го нарушува довербата на граѓаните.
Овој случај треба да се третира како тест за сериозноста на институциите и за нивната посветеност кон принципите на еднаквост и законитост“, стои во партиското соопштение од „Мала Речица“.