Фондот за здравствено осигурување планира да ги заостри критериумите за издавање боледувања до 15 дена што може да ги издава матичен лекар, за да се намали можноста за злоупотреби. Од ФЗОРСМ за „Локално“ изјавија дека по спроведените контроли и утврдени состојби ќе пристапат кон подготовка на измени на Правилникот за начинот и постапката за утврдување на привремена спреченост за работа, или за издавање на боледување.
– Со овие измени се предвидува заострување на критериумите за издавање на боледување до 15 дена од страна на избраниот матичен лекар, со цел намалување на можностите за злоупотреба и обезбедување поголема правичност во системот. За сите предложени измени и нивната имплементација, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана, велат од Фондот за зравствено осигурување.
Завчера Фондот за здравствено осигурување на прес конференција соопшти дека по контролите напревени на боледувањата на вработени во Министерството за внатрешни работи на барање на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, утврдиле голем број неправилности и злоупотреби.
Според податоците од Фондот биле проверени 514 боледувања издадени на 80 вработени во МВР, при што биле утврдени неправилности кај 236 издадени боледувања за 29 луе. Во контролата биле опфатени стотина ординации а неправилности биле утврдени кај 29 од нив. Од ФЗОМ информираа дека по овие контроли во тек е изрекување казни во износ од 1,2 милиони денари.
Од Фондот за здравствено осигурување изјавија дека контролите се спроведени на повеќе локации во државата и дека на повеќе локации се утврдени неправилности. Сепак не откриваат каде утврдиле најмногу злоупотреби.
-Заради заштита на личните податоци и интегритетот на постапките, во овој момент не можеме да издвојуваме конкретни ординации или населени места. Сепак, анализите укажуваат дека не станува збор за системска појава врзана за конкретни лекари, туку за поединечни случаи кои се предмет на понатамошна постапка согласно законските прописи, велат за „Локално“ од Фондот.
На прес конференцијата завчера беше спомнат и случај на припадник на МВР кој за година и пол четри пати променил матичен лекар додека бил на боледување, што според директорот на Фондот Сашо Клековски е индикација за можна злоупотреба на боледувањето.
Од Фондот за „Локално“ појаснија дека согласно важечките прописи, осигуреникот има право да изврши промена на избраниот матичен лекар најмногу два пати во текот на една календарска година.
-Во конкретниот случај, станува збор за долготрајно боледување, при што осигуреникот го искористил ова право два пати во текот на една година и дополнително уште два пати во текот на наредната година, односно во континуитет додека бил на боледување. Ова укажува на потреба од дополнително унапредување на контролниот механизам во вакви ситуации, велат од Фондот за здравствено осигурување.
Е.Б.