Грчки медиуми: Меланија Трамп сакала да го употреби името Македонија, но интервенирал грчкиот амбасадор

На крајот првата дама на САД го употребила името Северна Македонија на настанот на кој присуствува сопругата на премиерот Мицкоски

од Nikola Popovski
847 прегледи Фото: Фејсбук/Влада

Амбасадата на Грција во Вашингтон дипломатски интервенирала за да спречи, како што велат, потенцијален дипломатски гаф од страна на првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп. Моментот се случил за време на настан каде што Меланија Трамп сакала да ја именува земјава со името Македонија.

Како што објавува грчката „ТВ СТАР“, Меланија требало да ѝ се обрати на сопругата на премиерот Христијан Мицкоски, Роза, со реченицата „Добредојдовте Македонија“. Како што пишуваат грчките медиуми, овој „гаф“ ќе се случел во присуство на гости од 45 земји, што ќе имало пошироки последици, потенцира „Прото тема“.

Се додава дека грчкиот амбасадор во американската престолнина, Адонис Александридис, бил навреме информиран за, како што велат, потенцијалната грешка и ги презел потребните чекори.

„Благодарение на брзиот дипломатски одговор, првата дама на САД на крајот ѝ се обратила на соседната земја користејќи го нејзиното уставно име. Според истите извори, Меланија Трамп, наместо да го употреби името Македонија, рекла: „Ја поздравувам Северна Македонија“, стои во текстот на грчките медиуми.

Сопругата на претседателот на Влада, Рози Мицкоска го продолжи своето учество на глобалниот самит во Белата куќа, во организација на правата дама на САД, фокусиран на улогата на вештачката интелигенција и образованието.

Овој настан во рамките на иницијативата „Fostering the Future Together”, претставува историски самит, како најголемо меѓународно собрание организирано од прва дама на САД, на кој учествуваа претставници од рекордни 45 земји и водечки технолошки компании.