ЌЕ ИМА ЛИ НОВИ МЕРКИ: „Збогум“ на инфлација пониска од 3% – годинава борба со ценовен притисок!

Стапката на раст на БДП, според проф. Бислими е „ранлива“ поради самата структура, односно факторите кои го движат растот

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Последиците од војната на Блискиот Исток ќе се прелеат и во вториот квартал од годинава, што , според економистите, е јасен сигнал дека првата половина од оваа година ќе го носи предзнакот „кризна“. Домашната експертска јавност е уверена дека проектираната стапка на инфлација од 2,5% за годинава е неостварилива, а според дел од науката под знак прашање ќе биде и проектираниот раст од 3,8%. Стапката на раст на БДП, според професорот Сами Бислими е „ранлива“ поради самата структура, односно факторите кои го движат растот.

„Реалниот сектор учествува со нешто над 40% во создавањето на БДП, додека остатокот е во т.н. потрошувачки сектори кои создаваат пресметковни но не и реали вредности. Тогаш, лесно е да се заклучи дека, реалната вредност на растот на БДП е многу пониска од 3,8%. Замислете, постои една ставка – активности во врска со недвижен имот, која што учествува во создавањето на БДП повеќе од учевството на секторот земјоделство, сточарство, шумарство и рибарство, а во тој сектор не се создава никаква нова вредност“ – објаснува за „Локално“ професорот Бислими.

И во овој момент да се прогласи крај на воениот конфликт на Блискиот Исток, последиците ќе се прелеат и во вториот квартал од годинава, сметаат аналитичарите. Според новата анализа на институтот Фајнанс Тинк, и во најоптмистичкото сценарио за скорешно завршување на војната, економски последици за нашата економија ќе има.

„Во основното сценарио, се претпоставува дека шокот е веќе делумно вграден во тековните пазарни цени и дека нема натамошна ескалација. Цените на енергенсите краткорочно растат, со пик до крајот на вториот квартал од 2026 година, по што релативно брзо се стабилизираат во услови на деескалација на воените активности и започнуваат постепено да опаѓаат во втората половина на 2026 и текот на 2027 година. Преносот кон останатите цени е ограничен и постепен, без значајни секундарни ефекти“ – се наведува во анализата.

Сами Бислими

Според економистите и во најповолното и во најнеповолното сценарио – планираната стапка на инфлација од 2,5% во оваа 2026 та е нереална.

„Резултатите од моделските пресметки за Северна Македонија покажуваат дека инфлацијата ќе се зголеми во сите сценарија, но со значајни разлики во динамиката. Во основното сценарио, растот на инфлацијата е умерен и краткотраен, со пик во средината на 2026 година, по што следи постепена нормализација. Согласно на ова, Finance Think ја ревидира својата проекција за просечната инфлација во 2026 година на 3.5% со изразени нагорни ризици“ – наведуваат од Фајнас Тинк.

Засега за амортизирање на ценовниот притисок Владата посегна по намалување на ДДВ за горивата, но не ја исклучи можноста од државна интервениција и во други сегменти. Економистите алармираат дека мора да се донесат итни, таргетирани мерки за најранливите категории на граѓани, оние кои живеат под праг на сиромашнија но и за оние кои лесно можат да преминат во оваа категорија на загрозени. Опозициската СДСМ пак до Собранието адресираше законски измени за намалување или укинување на ДДВ и кај прехранбените производи и намалување на акцизата. Од Владата најавија дека следниот можен потег би се однесувал на акцизата, но дали тоа ќе се случи ќе зависи од движењето на цените на горивата. Во меѓувреме се најавија и засилени контроли во маркетите откако цените на дел од основните прехранбени, овошјето и на зеленчукот се зголемија значајно.

Д.А.