Утврдени пропусти кај 39 полицајци во случајот со починатите Ивана и нејзиното дете

39 полицајци потфрлиле во постапувањето во случаите на семејното насилство кое обвинетиот Стојанче Јовановски го вршел врз сега покојната Ивана

од Nikola Popovski
53 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

39 полицајци потфрлиле во постапувањето во случаите на семејното насилство кое обвинетиот Стојанче Јовановски го вршел врз сега покојната Ивана пред трагедијата во Тафталиџе. Ова го покажа внатрешната контрола на МВР.

Известувањето на МВР за полициските службеници поврзани со случајот на Стојанче Јовановски, како што информираат од Обвинителство, веќе е доставен до ОЈО ГОКК и ќе го преземе обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, кој ќе утврдува дали постои основ за кривична одговорност кај службените лица.

-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство. Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За сите дополнителни информации обратете се во надлежното обвинителство, велат од МВР.

Судењето против Јовановски почна вчера во Основниот кривичен суд Скопје, а судот не го прифати неговото делумно признание на вина и одлучи постапката да продолжи со изведување докази. Судот не го уважи признанието на вина, бидејќи било дадено под присила откако обвинетиот рече дека сведокот Мартин Саздов му се заканил така да се произнесе. Тој во судот кажа дека Ивана го изневерувала со Саздов, и оти тој ја навел на самоубиство. Ова, според обвинителката е манипулација за да се избегне кривична одговорност. Таа вели – има доволно докази против Јовановски.

Кривично дело за наведување и помагање самоубиство во нашиот правосуден систем се води за првпат. Адвокатката на оштетените очекува обвинението да биде прифатено во целост.

Сведочела и мајката на Ивана, која била сведок на насилството кое го вршел Стојанче врз нејзината ќерка. Ивана не признавала дека ја физички ја малтретира, иако имала видливи модринки по телото, а и шестгодишната Катја го опишувала насилството во домот. Имало и случај кога Стојанче ги оставил Ивана и Катја на автопат во еден часот по полноќ, бидејќи сопругата го згрешила патот. И соседите биле сведоци на насилството кое жената континуитет го трпела.