И оваа година меѓу 12 и 15 илјади македонски граѓани се очекува да заминат на сезонска работа во Хрватска, најмногу во туристичкиот сектор. Најбарани се работниците во угостителството – келнери, собарки, помошници во кујна, готвачи и пицари, но има побарувачка и за кадар во одржување, чистење, транспорт и логистика.
Платите се движат од околу 1.000 до 5.000 евра, во зависност од позицијата и искуството. Келнерите и собарките заработуваат од 1.000 до 1.350 евра, додека оние со поголемо искуство можат да достигнат и до 1.800 евра месечно. Најплатени се готвачите, чии примања се движат од 2.000 до 5.000 евра.
Во најголем дел од случаите, работодавачите обезбедуваат сместување и храна, а значаен дополнителен приход претставува бакшишот. За многу млади луѓе, но и за оние кои бараат привремена заработка, сезонската работа претставува добра можност – не само за финансиска добивка, туку и за стекнување работно искуство и престој на море неколку месеци.
Зоран Кочоски, сопственик на агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, смета дека актуелните глобални случувања нема значително да влијаат врз интересот за летување во Хрватска.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/
Bankarstvo
– Хрватска годинава има потреба од околу 125 илјади работници во сите индустрии, од кои над 50 илјади во туризмот. Сепак, може да се забележи дека земјата станува сè поскапа дестинација и интересот не е како порано. Цените се зголемени за околу 6 отсто, а во последните две години туристичките аранжмани пораснале за 33 отсто, вели Кочоски за „Локално“.
Тој додава дека војната на Блискиот Исток нема значајно да придонесе за зголемување на бројот на туристи на медитеранските дестинации, туку напротив – можно е намалување на интересот поради растот на трошоците кои ќе влијаат врз дополнително зголемување на цените на сместувањето.
Што се однесува до бројот на македонски работници, Кочоски оценува дека тој ќе остане во рамките на очекувањата.
– Не се очекува да се надмине бројката од 12 до 15 илјади работници, особено поради конкуренцијата од поевтина работна сила од земјите од Источна Азија. Дополнително, ограничени се и сместувачките капацитети, а платите не бележат значително зголемување – кај келнерите околу 10 отсто, а кај готвачите околу 15 отсто, посочува тој.
Покрај угостителството, побарувачка има и за работници во одржување, чистење каде платите се движат од 1.000 до 1.300 евра, како и во транспорт и логистика.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Травел Инсајтс
Македонец, кој веќе неколку години по ред оди на сезонска работа во Хрватска, вели дека покрај платата од работодавачот добива и божиќнина, како и бонови за купување храна во маркет.
– Работам во луксузен хотел во Дубровник и сè е јасно регулирано во договорот – платата, прекувремената работа, работата за викенд и за празници. Имам обезбедено сместување и еден оброк дневно, а од работодавачот добивам и дополнителни бонови за храна. Вкупно заработувам околу 2.000 евра месечно и, со оглед на тоа што сезоната трае шест месеци, овие приходи ми се доволни за цела година, вели тој.
Тој додава дека, покрај платата, добива и бакшиш, и нагласува дека работата на море е незаменливо искуство – како поради луѓето со кои работи, така и поради средината во која престојува.
Б.С.