Стигна реакција од официјална Софија во врска со неодамнешните изјави на премиерот Христијан Мицковски дека „ако треба ние ќе чекаме децении“, но нема да прифати уставни измени кои „директно влијаат врз идентитетските позиции“, додавајќи дека не планира да влезе во „авантура без јасен крај“. Според в.д. заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Марин Рајков, „очигледно одредени кругови во Скопје се склони да губат повеќе време на македонските граѓани“.
„Над 210.000 луѓе од Република Северна Македонија го докажале своето бугарско потекло со документи“, коментирал Рајков, пренесува „БНТ“. Тој нагласил дека ова наметнува потреба од јасни гаранции за правата на бугарската заедница во Македонија.
Заменик-министерот бил категоричен дека недостатокот на реални гаранции за бугарската заедница е клучниот проблем во односите со Скопје и во процесот на европска интеграција. Тој порачал дека промената на македонскиот Устав е основен услов за напредок во преговорите. За Рајков, проблемот не треба да се гледа како билатерален меѓу Софија и Скопје, туку во контекст на обврските кон ЕУ.
„Факт е дека нивниот министер за надворешни работи оди од канцеларија до канцеларија во Брисел и се жали од Европската Унија, од Бугарија и од разни работи. Ние не сакаме да влегуваме во таква шема, каде што влегуваме по него, бидејќи не сакаме ова прашање да се перцепира како билатерално. Да се тврди дека постои билатерален проблем меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е крајно манипулативно. Проблемот е повеќе меѓу Скопје и ЕУ и неисполнувањето на барањата“, изјавил бугарскиот функционер.
Пред два дена, Мицкоски порача дека нема да има уставни измени без гаранции. „Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на оние што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, и оние што нив ќе ги следат“, дециден е премиерот за условите за почеток на преговорите за Македонија да стане членка на ЕУ.
„Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не иде и дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бидува. А ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај, како прво. И второ, сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се поместиме нити милиметар“, рече Мицкоски.