Сѐ почесто во јавноста се отвора прашањето дали четиридневната работна недела може да стане реалност и во Македонија. Додека во дел од европските земји четиридневната работна недела веќе дава резултати во зголемена продуктивност и подобар баланс меѓу работата и приватниот живот, кај нас мислењата се поделени. Синдикатите ја поддржуваат идејата како чекор кон подобар стандард, додека работодавачите предупредуваат дека економијата и бизнис-секторот сè уште не се подготвени за ваква промена. Прашањето е дали оваа иницијатива може да прерасне во реалност и да се преточи во закон или ќе остане само предлог на хартија.
Неодамна лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче повторно предложи воведување скратена работна недела, што предизвика јавна дебата за тоа дали ваквата реформа е возможна во Македонија.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, вели дека ваквите прашања треба да се решаваат преку дијалог меѓу работодавачите и работниците, а не да се сведуваат на дневно-политичка тема. Сепак, тој смета дека е важно политичарите и бизнис-заедницата да разменуваат мислења и да се консултираат со цел да се најде најдоброто решение за работниците.

Фото: Принтскрин/Јутјуб
– Работното време, годишните одмори, бонусите и другите права кои произлегуваат од Законот за работни односи се уредуваат со колективни договори. Тоа значи дека работното време во една компанија се договара меѓу работодавачот и работниците и се преточува во заедничко решение. И досега постоеше практика преку колективни договори да се регулира работното време и бројот на работни денови во неделата, согласно потребите на двете страни. Доколку компаниите во приватниот сектор имаат можност, препорачливо е да овозможат намалување на работните денови, работа од дома и слично, со цел да ги намалат трошоците, за што не е потребно носење на посебен закон, изјави Бошков за „Локално“.
Тој додава дека Бизнис-конфедерацијата има потпишано конвенции во рамките на Меѓународната организација на трудот и дека домашната трудова легислатива е усогласена со европската. Тоа, според него, значи дека слободната пазарна економија и договорното уредување на работното време се право и одговорност на работодавачите и работниците.
Европските трендови одат во насока на намалување на работните часови и скратување на работната недела под 40 часа. Во дел од европските земји веќе се спроведени анализи кои покажуваат дека пократката работна недела позитивно влијае врз мотивираноста и продуктивноста на работниците, а со тоа и врз добивката на работодавачите.
-Сојузот на синдикатите на Македонија се залага за воведување 35-часовна работна недела. Како земја аспирант за членство во ЕУ, Македонија треба да се движи кон седумчасовен работен ден или четиридневна работна недела, наместо да се воведуваат решенија со подолго работно време. Продуктивноста, не зависи од должината на работното време, туку од подобри услови за работа, современи технологии, соодветни плати и почитување на правото на одмор. Во спротивно ни се заканува уште поголем одливот на работна сила од земјата“, вели за „Локално“ Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Фото: фејсбук/Принтскрин/ТВ 24
ССМ нагласува дека се неопходни законски измени и усогласување на трудовото законодавство со европските стандарди, преку зајакнат социјален дијалог и активно учество на синдикатите во креирањето на економските политики.
Во однос на градежниот сектор, од Синдикатот за градежништво оценуваат дека секторот е во стагнација поради погрешни политики и занемарување на домашните компании. Тие предупредуваат дека проблемите не смеат да се решаваат на грбот на работниците, кои веќе работат во тешки услови. Намалувањето на нивните права или продолжувањето на работното време, според нив, не е решение – продуктивноста се постигнува со подобри услови, а не со поголем притисок врз работниците.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во новата предлог програма на партијата објави нова мерка која се однесува на кратење на работната недела од сегашните пет работни дена на четири работни дена. Филипче порача дека со овој модел човекот се става пред профитот, а целта е достоинствен живот за работниците.

Фото: Фејсбук/СДСМ
-Станавме нација со најдолг работен циклус. Нација која е најпреработена, најисцрпена и соочена со масовен „burn out“. Луѓе работат преку авторски договори или со т.н лажно самовработување. Затоа е потребна гарантирана сигурност и извесност на работните места. По една година, трајна работа, ставаме крај на договорите на месец дена. По најмногу 12 месеци секој привремен ангажман станува траен. Еднакви права имаат сите. Секој ден се брои во стаж, крај за агенциски вработувања и синдикатот е твој штит, рече Филипче.
Столбот за „Скратена работна недела“ предвидува и други мерки како скратено работно време за повозорасните работници, лицата со попреченост и оние во процес на закрепнување, како и субвенции за сите компании кои ќе тестираат скратена работна недела.
Б.С.