Левица: Стратешки дијалог или колонизација – свитата на Муцунски на тацна ги дава македонските ресурси на САД

„Власта на премиерот Мицкоски се гордее со соработката со администрацијата на Трамп која инаку отворено говори и се фали дека ужива во ограбувањето ресурси на други земји и уништувањето цивилизации“, обвинуваат од опозициската партија

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

„Сервилноста на ВМРО-ДПМНЕ кон најреакционерната администрација во историјата на САД на Доналд Трамп, добива нова димензија со посетата на делегацијата предводена од страна на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во Вашингтон на средба со заменик-државниот секретар на САД – Кристофер Ландау во рамките на т.н. ʼстратешки дијалогʼ при што на американската страна им е понудена можност за експлоатација на антимон во Кривопаланечко, како и целосна контрола врз проектот „Чебрен и Галиште”, порачаа од Левица преку соопштение.

Според партијата, власта на премиерот Христијан Мицкоски се гордее со соработката со администрацијата на Трамп која инаку отворено говори и се фали дека ужива во ограбувањето ресурси на други земји и уништувањето цивилизации, а, како што велат, тоа е лош предзвук за тоа колку рамноправни се нивните билатерални договори во случајот на Република Македонија.

„Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски, лидер на ДПМНЕ, партија олицетворена во слугувањето на крупниот капитал и подаништвото кон најагресивните режими кои во историјата ќе бидат запишани со црни букви, како по обичај, не ги објавува детаљите на договорите кои ги склучува со т.н. “стратешки партнери”потценувајќи го македонскиот народ со еден однос кон Македонија како кон партиска сопственост.

Впечатлива е таинственоста на Мицкоски околу наводните инвестиции во компјутерскиот сектор за што бегло ги нафрла термините ʼдигитализацијаʼ и ʼвештачка интелигенцијаʼ“, стои во партискиот став.

Левица го повикува Мицкоски и ресорните министри во духот на транспарентноста и отчетноста кон сопствениот народ, да ги објават деталите на овие преговори бидејќи тие веќе даваат впечаток на приватни бизнис-зделки чија жртва е македонскиот народ.

„Левица секогаш ќе застане на пат на овој блатантен хомоколонијализам на ДПМНЕ, во духот на заложбите за ослободување на македонскиот народ и држава од стегите на империјалистичкиот јарем. Република Македонија мора да ги приоретизира своите интереси, а не интересите на земји чии економии колабираат, па својот спас го бараат во кражбата на ресурси и суровини на други држави и народи. Предавањето на нашите природни ресурси и потенцијали нема да помине, а Македонија ќе одолее и ќе ја отфрли оваа ненародна власт“, порачаа од опозициската партија.