Кога државата се повлекува, мафијата не мора ни да се крие

„Во Италија, кога падна Фалконе државата сфати дека е нападната. Кај нас, кога си замина обвинителка Ленче Ристоска - државниот јавен обвинител се однесуваше како да е кадровска ротација“

од Nikola Popovski
55 прегледи Фото: Архива

Во филмовите, кога ќе падне последниот Дон знаеш дека приказната завршува. Во реалноста, најстрашното е кога нема последен Дон. Кога системот сам станал Дон. И тогаш, борбата не е против мафија. Туку против начин на функционирање што веќе не препознава разлика помеѓу држава и криминал.

Зошто? Ако дадеме една теза на модели би рекол дека сме поблиску до Њујоршкиот модел: Мафијата не мора да пука ако, има луѓе во институции, има влијание во одлуки, има контрола преку тишина.

Вториов модел е Италија, мафијата убиваше. Разликата е во карактерот на државата.

Ќе ја објаснам разликата. Италија го имаше Џовани Фалконе човек кој знаеше дека оди кон смрт, но не се повлече. Државата го загуби. Но потоа се разбуди. Државата возврати, создаде систем што пркоси. Закон, институции, притисок, волја. Значи, можеме да заклучиме дека државата не го предаде.

Со ваква структура, мафијата престана да биде посилна од државата. Во Македонија? Кај нас, некој не мора да постави бомба. Доволно е да создаде тишина.

Оставката на Ленче Ристоска не е личен чин. Тоа е институционален симптом. Симптом дека системот не штити, колегите молчат, притисокот станал нормален, а отпорот – исклучок. И најопасното: јавноста веќе не се шокира.

Во Италија, кога падна Фалконе државата сфати дека е нападната. Кај нас, кога си замина обвинителка Ленче Ристоска – државниот јавен обвинител се однесуваше како да е кадровска ротација.

Две вистини што болат да се кажат: Прва – во Италија, мафијата беше надвор од државата и се обидуваше да ја освои. Втора – кај нас, постои реален ризик мафијата да не мора ни да ја освојува затоа што веќе знае како да функционира во неа.

Затоа кај нас нема спектакуларни ,,пораки” како што мафијата во реалноста прави. Има нешто многу поефикасно тихо демонтирање на оние што не се вклопуваат.

И тука доаѓа најтешкото прашање: Ако системот не ги штити оние што го бранат законот, дали сè уште зборуваме за држава што се бори против мафија или за држава што научила да живее со неа? Во Италија, мафијата мораше да убива за да преживее. Во Македонија, доволно е институциите да молчат.

Оставката на Ленче Ристоска за мене не е само приказна за една обвинителка. Тоа е момент кога системот ти кажува: „Овде не се победува со правда. Овде се преживува со прилагодување.“

И токму тука сме поблиску до Њујорк од филмовите отколку до Сицилија од реалноста. И тоа молчење е најгласниот доказ дека проблемот не е само мафијата. Туку системот што не сака да ја победи.

М-р Мартин Тасевски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот