Вангелов: Примирјето не произлегува од волјата на САД туку пред сѐ од позицијата што Иран успеа да ја наметне

„Трамп не успеа да постигне ниту една стратешка цел, не е сосема јасно чија одговорност во разорувањето е поголема - онаа на САД или на Израел“, вели професорот за „Локално“

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Фејсбук/Солуција

Час и половина пред истекот на ултиматумот на Трамп до Техеран – да прифати договор или да се соочи со целосно уништување на цивилизацијата, САД и Иран постигнаа двонеделно примирје, со отворање на Ормускиот теснец како клучен дел од договорот. По интервенцијата на Пакистан кој го повика Трамп на продолжување на рокот, шефот на Белата куќа прифати прекин на нападите во замена за слободен бродски сообраќај, оценувајќи дека иранскиот предлог од 10 точки е солидна основа за понатамошни преговори

„Врз основа на разговорите во кои тие побараа да го одложам испраќањето на деструктивната сила во Иран, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на ЦЕЛОСНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормускиот теснец, се согласувам да го суспендирам бомбардирањето и нападот врз Иран за период од две недели. Ова ќе биде двостран ПРЕКИН НА ОГНОТ!“, објави американскиот претседател Доналд Трамп.

И Техеран се согласи да ги прекине борбите – потврди иранскиот министер за надворешни работи Арагчи. Властите тврдат дека постигнале голема победа, бидејќи САД го прифатиле нивниот план за ненапаѓање, контрола врз Ормускиот теснец и укинување на санкциите. Иранската војска ќе го координира бродскиот сообраќај низ теснецот за време на примирјето.

За дел од познавачите на состојбите, сѐ уште не се сосема јасни условите под кои Ормускиот теснец ќе биде отворен и ќе функционира. Сметаат дека најнапред треба да видиме дали ова двонеделно примирје воопшто ќе опстои. Според Огнен Вангелов, доктор на политички науки и универзитетски професор, ако опстои, ќе биде важно да се следи како ќе се одвива протокот низ теснецот и кој ќе ја има фактичката контрола врз него. Дури кога тоа ќе стане појасно, ќе можеме со поголема сигурност да процениме кој е вистинскиот победник.

-Не е исклучено ова примирје воопшто да не резултира со подолгорочен договор, особено ако се има предвид непредвидливоста на Трамп и неговите променливи пораки од ден за ден. Дел од тие пораки директно си противречат со изјави дадени само еден ден претходно, што дополнително ја отежнува секоја сериозна прогноза за следната фаза.

Доколку примирјето прерасне во мировен договор, тогаш ќе може појасно да се сумираат резултатите и да се утврди кој е реалниот победник во конфликтот. Но, од она што засега го знаеме, врз основа на променливите изјави на Трамп и информациите околу таканаречените преговори, може да се заклучи дека примирјето не произлегува од волјата на САД, туку пред сѐ од позицијата што Иран успеа да ја наметне, посочува Вангелов.

Потсетува дека во текот на овие таканаречени преговори, кои реално и не беа директни преговори бидејќи Трамп испраќаше пораки преку пакистански посредници, САД настапија со план од 15 точки што Иран веднаш го отфрли и резолутно одби примирје под тие услови.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/ABC News (Australia)

-Потоа Иран понуди свој план од 10 точки, кој Трамп првично го оцени како неприфатлив, за денес, при најавата на примирјето, истиот тој план да го претстави како добра основа за разговор. Тоа значи дека нешто што пред неколку дена било неприфатливо, денес одеднаш станува основа за дипломатско решение.

Токму ова укажува дека иницијативата за примирје доаѓа од проценката на Трамп дека заканите за „уништување на иранската цивилизација“ нема да го поколебаат Иран во неговите одбранбени активности и нема да доведат до отворање на Ормускиот теснец под американски услови.

Доколку навистина се тргнеше кон масовно уништување на иранската инфраструктура и кон драстична ескалација, многу голема беше веројатноста Иран да возврати со удари врз инфраструктурата на заливските земји, а способноста да го прави тоа ја покажа во текот на војната, особено нафтената индустрија и постројките за десалинизација. Тоа ќе значеше потенцијален колапс на глобалното снабдување со нафта и можен скок на цената на барелот на 200 или повеќе долари.

Особено сериозно ќе беше евентуално таргетирање на постројките за десалинизација во Саудиска Арабија, Емиратите и други заливски земји, бидејќи речиси целото водоснабдување таму зависи од тие капацитети. Во такви услови, ми се чини дека Трамп проценил дека е подобро што побрзо да се излезе од ваквата ескалација и примирјето да се претстави како барање на Иран, на кое тој великодушно одговара. Напротив, мојата оценка е дека токму нему му беше потребен итен излез од оваа воена авантура, која се покажа како целосен неуспех, вели соговорникот.

На прашањето дали САД ги исполни ли своите воени цели пред рокот, како што велат од Белата куќа, иако Трамп десетина пати ги одложуваше своите рокови, Вангелов оценува дека Трамп не исполни речиси ниту една од поставените воени цели.

-Првата цел беше уништување на способноста на Иран да произведува нуклеарно оружје. Трамп тврдеше дека таа способност била целосно уништена уште лани во јуни, за време на дванаесетдневната војна, а оваа година, пред новите напади, повторно ја постави истата цел. Очигледно, тоа значи дека тврдењата од јуни 2025 биле лажни. Ниту сега не сум уверен дека таа цел е постигната.

Втората цел беше промена на режимот и колапс на теократскиот систем воспоставен по револуцијата од 1979 година. Ниту оваа цел не е постигната. И покрај огромните разорувања, ликвидацијата на водечки функционери и пред сѐ убиството на Ајатолахот Хамнеи, режимот успеа да се одржи. Тоа покажува дека иранскиот систем на владеење е длабоко институционализиран, а не персонализиран како што често се претпоставува.

Третата цел беше уништување на ракетната и дроновската способност на Иран. Ниту оваа цел не е исполнета. Наспроти тврдењата на Трамп и Нетанјаху дека способноста на Иран за возвратни удари драстично се намалила, реалноста покажува нешто друго. Во првите денови од војната, Иран се потпираше повеќе на постари и помалку прецизни ракетни модели кои масовно ги истрелуваше, но кои полесно се пресретнуваа од израелската и заливската противракетна одбрана. Тактиката беше да се трошат ресурсите на одбранбените системи на САД и Израел со постаро оружје, а поновото да се употреби токму тогаш кога овие одбранбени системи во заливот се ослабнати. Иран успеа да погоди голем дел од базите на САД во регионот и стратешки радари. Така што, веќе во втората и третата недела Иран почна да употребува понови и пософистицирани системи со прецизно наведување, кои успеваа да ја пробијат одбраната и да погодат значителен број воени цели во регионот, посочува професорот.

Се додава дека огромните залихи на ракети и дронови, заедно со нивната дисперзираност низ цел Иран, практично му овозможија на Техеран да возвраќа на начин што предизвика сериозни штети и загуби и за Израел и за САД. Дури и дел од системите на Иран да биле уништени или оштетени, самите проценки на американските разузнавачи зборуваат за максимум една третина, а не за речиси целосно уништување како што тврди Трамп.

-Оттука, сметам дека Трамп не успеа да постигне ниту една стратешка цел, освен масовно уништување и цивилно страдање при бомбардирањата. Притоа, не е сосема јасно чија одговорност во тоа разорување е поголема, онаа на САД или на Израел, додава Вангелов.

Соговорникот смета дека војната пред сѐ беше резултат на желбите на Нетанјаху, иако клучни актери во администрацијата на Трамп исто така имаа значајна улога во самото нејзино почнување. Вели дека Пит Хегсет, како секретар на Департментот за војна, од самиот почеток се залагаше за радикални чекори кон Иран, а слична линија имаше и Марко Рубио.

-Коцките едноставно се совпаднаа така што сите овие воени јастреби се најдоа на клучни позиции. Самиот Нетанјаху изјави дека се остварил неговиот четириесетгодишен сон САД да го нападнат Иран и да „го уништат неговиот режим“. Оттука, јасно е дека тој воопшто не е задоволен од ова примирје, бидејќи режимот не само што не е уништен, туку не е постигната ниту значајна промена на односот на силите во регионот. Напротив, пред војната Ормускиот теснец беше слободен за проток, а по почетокот на војната Иран успешно го претвори во средство за притисок со последици не само за регионот, туку и за глобалната енергетска безбедност.

Доколку ова примирје не се случеше, сосема извесно беше дека Иран ќе продолжеше да го контролира теснецот и дека ниту САД ниту Израел немаа јасен воен начин да го присилат да го ослободи. Во таа смисла, Иран фактички излезе со посилна стратешка позиција во регионот отколку што ја имаше пред почетокот на војната, тврди Вангелов.

Кризата во односите меѓу САД и европските сојузници дополнително се продлабочи со вториот мандат на Трамп, иако уште во неговиот прв мандат беше јасно дека европските сојузници ги гледа повеќе како товар отколку како стратешка предност. Професорот со став дека оваа криза ќе продолжи пред сѐ поради долгорочната стратешка преориентација на САД кон Азија и конфронтацијата со Кина. Според него, американските ресурси за одржување економска и воена хегемонија не се неограничени, па надворешнополитичкиот фокус сѐ повеќе се поместува кон Источна Азија, покрај традиционалната ориентација кон Блискиот Исток, при што се намалува значењето на претходното стратешко присуство во Европа визави Русија.

-Овој тренд беше видлив и за време на Бајден, со таа разлика што идеолошката ориентација на демократите остануваше насочена кон зачувување на традиционалните сојузништва со Европа и цврсто одржување на НАТО. Неоконзервативната струја кај републиканците, пак, многу поотворено се залага за концентрирање на американските ресурси кон конфронтацијата со Кина, наместо кон одржување на традиционалните сојузнички архитектури.

Во услови кога уделот на САД во светската економија се намалува, а расте уделот на земјите од БРИКС, јасно е дека поранешната униполарна доминација на САД е веќе минато. Во таков контекст, рефлексот на неоконзервативците е да ја продолжат релативната доминација што е можно подолго преку фокусирање на ресурсите кон точките што Вашингтон ги смета за главна опасност за својата продолжена хегемонија, а денес тоа е пред сѐ Кина.

Оттука, во зависност од тоа кој ќе ја освои власта на следните избори, очекувам односите меѓу Америка и европските сојузници или да продолжат да бидат тензични и нестабилни, доколку доминира неоконзервативната републиканска струја, или да останат на сегашното статус-кво доколку демократите повторно ја преземат власта, заклучува Вангелов.

Фото:Printscreen/Youtube/The White House

Пакистан ги пофали „мудроста и разбирањето“ на САД и Иран и ги покани двете страни на разговори во Исламабад в петок за конечен договор за решавање на сите спорови.

„Привременото примирје меѓу Иран, САД и „нивните сојузници“ стапува во сила веднаш. Примирјето важи насекаде, вклучително и во Либан. Двете страни покажаа извонредна мудрост и разбирање и останаа конструктивно посветени на промовирање на мирот и стабилноста“-објава на Шехбаз Шариф – премиер на Пакистан.

Израел го поддржа договорот, но нагласи дека тоа не важи за неговите операции против Хезболах во Либан. Светските лидери го поздравија потегот.

„Ова се позитивни вести. Веќе некое време повикуваме на деескалација. Сакаме да видиме решавање на конфликтот“, изјави Ентони Албанезе -премиер на Австралија.

„Ја поздравуваме најавата на САД и Иран како позитивен развој на настаните. Најважно е всушност да се деескалира ситуацијата, вклучително и безбедноста на Ормускиот теснец. Се надевам дека ќе се постигне брз конечен договор преку дипломатски средства“, изјави Минору Кихара -главен секретар на кабинетот на Јапонија.

И покрај договорите, беше објавено дека голем број ракети биле испукани од Иран кон Израел и земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Катар. Веста за примирје доведе до пад на цените на нафтата.

Н.П.