Речиси една недела откако побараа одговори, дел од семејствата на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ утрово дојдоа во Судска медицина, во очајна потрага по обдукциските наоди. Тие оствариле средба со директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.
-Направени се анализи за сите наши починати деца. Тоа не ни беше одговорено и моравме да дојдеме. Ни објаснија дека сите материјали се дадени во Обвинителство и дека ќе чекаме на вештачењето во судот. Не можат да кажат од што и како туку мора да се изјаснат на суд. Само потврда дека се направени токсиколошки анализи, изјави Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова.
Таткото додаде дека не им биле покажани никакви документи бидејќи не смеат.
-(Станков) и претходно ни кажа дека тоа влијае на судењето, било што да се изведе пред да се покаже пред судот. Затоа го поштуваме и имаме поверение во Институтот. Вештаците што ќе сведочат се од судска медицина, рече Александар.
Овој чекор следува по низа обвинувања дека институциите повеќе од една година не обезбедуваат јасни информации за причините за смртта на жртвите.
На последниот „Марш за ангелите“, Александар јавно посочи дека и покрај бројните барања и официјални дописи, семејствата сè уште немаат клучни одговори.