ВЛЕН: За првпат вратата за измама е затворена – Албанците не се алатки туку се закон

„25 години го одржуваа ова прашање во живот заради кражба и политичко преживување. Го затвораме со закон“, порачаа од ВЛЕН до ДУИ по повод предлог-законот за правична застапеност

од Nikola Popovski
96 прегледи Фото: Фејсбук/ВЛЕН

„Албанците не се алатки, туку се закон. 25 години, правичната и соодветната застапеност се користеше за политика. За неа се зборуваше, ветуваше, измамуваше, крадеше и корумпираше.. Но, кога стануваше збор за решение, секогаш недостасуваше законот. Секогаш недостасуваше волјата. Можеби недостасуваше и храброста“, изјави денеска Афан Елези од ВЛЕН.

Според него, таканаречената алатка „Балансер“. која требаше да гарантира еднаквост, во пракса се претвори во механизам со големи правни празнини, што дозволуваше манипулации, толкувања и вработувања мотивирани од теснопартиски интереси. Обвинува дека ДУИ имаше години да го направи овој уставен принцип закон.

„Не го направи тоа. Дури и не се обиде.

Ова е вистината! Денес е поинаку. За прв пат правичната застапеност станува обврска. За прв пат, ова прашање има ГОСПОДАР НА КУЌАТА. Се создава координативно тело, на чело со вицепремиер албанец. Ова значи дека повеќе нема бегање од одговорност. Нема повеќе изговори. Сега има адреса и има одговорност.

За прв пат, вратата за измама е затворена. Нема повеќе лажни претставувања. Постои методологија базирана на реални податоци. Кој и да ја злоупотреби, ќе се соочи со последици“, кажуваат од таборот на ВЛЕН.

Според Елези, тоа е разликата меѓу, како што вели, нив и ДУИ.

„25 години го одржуваа ова прашање во живот заради кражба и политичко преживување. Го затвораме со закон. Тие го оставија без адреса. Ние му даваме адреса. После многу години на Албанците повеќе не им требаат алатки. Тие имаат закон“, наведуваат од владејачката коалиција составена од неколку партии од албанскиот политички блок.

Владата на последната редовна седница го усвои Законот за правична и соодветна застапеност, со кој, како што информира првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, се воспоставува баланс и истовремено се поставуваат темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација.

Законот за правична застапеност, кој долго време беше во подготовка, треба да го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, која Уставниот суд ја укина во октомври 2024 година.

Уставниот суд го укина т.н. „балансер“ на 9 октомври 2024 година. Одлуката да поведе постапка за алатката Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.