Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски пред два дена ја претстави најавената експлоатација на антимон кај кривопаланечкото село Луке како голема економска можност, со порака дека рудата ќе се вади во Македонија, а ќе се преработува во САД. „Тоа се неколку области во кои што очекуваме да се постигне голем напредок, а истовремено да се промовира една инвестиција во еден значаен производен објект, а тоа е рудата антимон, која што ќе се експлоатира во близина на кривопаланечкото село Луке. Редок минерал, нешто кое што навистина може за нашата економија да значи многу. Истрагите таму се веќе при крај и очекувам тоа многу скоро да биде започнато“, рече Мицкоски. „Таму е и министерката Сања Божиновска со сите информации поврзани со тој проект, истиот ќе биде претставен“, додаде премиерот за придобивките од Стратешкиот дијалог со САД.
Иако е малку познат на пошироката јавност, антимонот е меѓу стратешки најважните суровини на модерното време. Затоа, тој е клучна суровина на 21 век за технолошки и за безбедносeн развој. Оние држави кои немаат антимон, или го немаат во доволни количини, ризикуваат да заостанат во технолошката трка и да станат беспомошни во воената сфера.
Во Македонија се поставуваат неколку прашања околу овој минерал, како колкава е неговата вредност, колку ќе добиеме од инвестицијата и зошто не го користиме и преработуваме ние како држава…Според дипломираниот металуршки инженер, Златко Тренчевски, металоидот Антимон со хемиска ознака „Sb“ е елемент кој во природата најчесто се среќава во форма на сулфид со назив на минералот СТИБНИТ, а во таква форма се наоѓа и во Македонија, поточно во местото Крстов Дол блиску до селото Луке. Како што информира Тренчевски, тој самостојно нема скоро никаква примена меѓутоа во комбинација со други елементи ги подобрува нивните својства.

Златко Тренчевски – Фото: Принтскрин/Јутјуб
„Во металната индустрија-се користи за легирање на металите во кои ја зголемува отпорноста од абење и тврдина – во индустријата за производство на батери и акумулатори, ја зголемува цврстината и го зголемува векот на истите – во огноотпорните материјали: поради неговото својство да спречи запаливост на истите, во електронската индустрија: за производство на полуспроводници и во воената индустрија – за производство на муниција“, појаснува соговорникот во разговор за „Локално“, потенцирајќи дека последниве години потребата од антимон во светот е нагло зголемена поради две причини – најголемиот производител во светот Кина го ограничи неговиот извоз, ставајки го во групата на стратешки суровини и со новите истражувања стана незаменлив во повеќе индустрии.
Инженерот појаснува дека неговата вредност во моментов на светските берзи е околу 50000 евра за тон, што е 5 пати повеќе од само пред неколку години, а со тенденција за постојан раст. Како што додава Тренчевски, најголемиот проблем при производство на антимон е тоа што при неговата преработка се создава огромна количина на јаловина и секогаш присуството на арсен во рудата.
„Рудата има мал % на антимон и се применува постапка наречена флотација со која се зголемува процентот на Антимон во суровината од 20-50% а потоа доаѓа процес на печење на добиениот концентрат каде се отстранува сулфурот и се добива Sb2O3 ,т.е. Антимон триоксид. Во самиот процес на експлоатација се создава прашина која е штетна по здравјето, а при постапката на флотација се создава огромна количина на отпад (јаловина) во која има покрај остатокот и арсен кој е токсичен. Оваа создадена јаловина треба да биде во затворен тип и да се применат најсовремени постапки за нејзино складирање и одлагање кои ги зголемуваат трошоците во финалниот производ. Дали нашето искуство досега кажува дека тоа ќе биде применето и овде е прашање на кое сите го знаеме одговорот“, смета експертот.
Доколку дојде до загадување на почвата, нагласува Тренчевски, тогаш ќе бидат загадени и подземните води со канцерогени и токсични материи кои ќе влијаат на здравјето на поширока околина, а не само на локалното население.
„Можеби ќе има краткорочен моментален бенефит од целиот процес, но после исцрпувањето на рудните наоѓалишта ќе остане една голема еколошка бомба која ќе биде неколку пати поскапа поради санацијата и справувањето со нејзе отколку профитот што ќе го има државата“, заклучува Тренчевски.

Потпишување на договорот во САД – Фото: Министерство за енергетика
Веста ја соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини од каде информираа дека на потпишувањето на договорот присуствувала и министерката Божиновска заедно со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
„Финансиската поддршка претставува конкретен чекор во насока на развој на потенцијалот на критичните минерали, како значаен сегмент од современите енергетски и индустриски политики. Со овој договор се отвораат можности за понатамошни инвестиции, истражувања и технолошки развој, во согласност со глобалните трендови за обезбедување алтернативни извори на критични суровини“, пишува во соопштението од Министерството за енерегетика.
Рудникот за антимон Крстов Дол е затворен во 1981 година поради ниските цени на антимонот. Според достапните податоци од овој рудник претходно биле извадени приближно 50.000 тони руда, но историскиот ресурс изнесувал повеќе во „неистражени паралелни структури“.
Достапните објави покажуваат дека проектот не го турка „американска рударска компанија“, туку австралиската „Pela Global“, која во март објави договор со американската „International Development Finance Corporation“ за до 5 милиони долари проектно финансирање. На сајтот на „Pela Global Limited“, може да се прочита дека се работи за австралиска компанија за критични и скапоцени метали фокусирана на одговорен развој на минерални ресурси низ Југоисточна Европа. Клучни се два проекти во Македонија – во Крстов дол и проектот Самар Голд. Првиот е за експлоатација на антимон, а вториот за експлоатација на злато, сребро, олово, цинк и бакар.
„ВМРО повторно во рударска мисија. Малку е што сме втора најзагадена земја во Европа па Мицкоски поданички сака да дозволи ново труење во име на „стратешки дијалог“. Мицкоски сака да дозволи на американска компанија да ископува антимон во стариот рудник „Крстов Дол“, каде што во 60-тите и 70-тите години од минатиот век се копало и преработувало антимон“, реагираат од иницијативата „Зелен хуман град“, откако беше објавено дека ќе се рестартира стариот рудник во Луке.
Според ЗХГ, краткорочната изложеност на висока концентрација на овие токсични елементи може да предизвика гадење, повраќање, дијареа, силна абдоминална болка, срцеви аритмии и во екстремни случаи смрт.
Според извештајот, кај Крстов Дол веќе има три брани со хидројаловина од кои две во критична состојба. Браната со хидројаловина 1 е опишана како близу до флотациската постројка и е веќе натрупана над нејзиниот насип, поради што може да се прелее при обилни дождови. Браната со хидројаловина 3 се наоѓа покрај речната рамнина каде што, доколку се појават поплави, јаловинските материјали лесно се измиваат. Во извештајот се вели дека е „критично“ трите брани со хидројаловина да почнат да истекуваат кон долниот тек доколку дојде до обилни дождови. Според истиот извештај поради рударските операции во Крстов Дол има зголемено ниво на тешки метали во водата, при што Sb (антимонот) достигнува пет пати поголема вредност од препорачаната од СЗО кај вдлабнатините и под браната за јаловина“, посочува „Зелен Хуман Град“.
Н.П.