Интервју со Чоневски: И покрај повисоките цени, Грција останува најповолен избор за Македонците

Во пресрет на летната туристичка сезона, кога интересот за патувања традиционално расте, разговараме со Александар Чоневски сопственик на туристичката агенција „Игуана“ за актуелните цени, трендови и навики на патниците

од Vladimir Zorba
44 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/В ТВ Вистинска Телевизија

Во пресрет на летната туристичка сезона, кога интересот за патувања традиционално расте, разговараме со Александар Чоневски сопственик на туристичката агенција „Игуана“ за актуелните цени, трендови и навики на патниците.

Како глобалните случувања влијаат врз изборот на дестинации, што најмногу ги привлекува туристите и дали цената сè уште е пресуден фактор, се дел од темите за кои зборуваме во интервјуто.

Воедно, агенцијата оваа година одбележува значаен јубилеј – 35 години постоење, што е повод повеќе да се осврнеме на искуството, предизвиците и довербата што ја градат со клиентите низ годините

Со наближувањето на летните одмори, цените на авионските билети растат поради повисоките трошоци за гориво. Што граѓаните можат да очекуваат ова лето и како вашата агенција се прилагодува на овие промени?

Со оглед на фактот дека долги години во нашата понуда доминира Грција како главна туристичка дестинација, можеме конкретно да зборуваме за автобускиот превоз, кој и оваа сезона бележи зголемување на цените. Сепак, во овој момент, како компанија се трудиме да не ги зголемуваме цените за нашите клиенти, со надеж дека трошоците нема да пораснат драстично во наредниот период. Станува збор за наши редовни, долгогодишни клиенти, токму затоа вложуваме максимални напори да го апсорбираме дел од поскапувањето и да им овозможиме достапни аранжмани, без да се наруши квалитетот на услугата. Нашата цел е клиентите и ова лето да заминат на одмор без дополнителен финансиски притисок, а притоа да ја задржат довербата што со години ја градиме заедно.

Дали конфликтот на Блискиот Исток предизвика промени во работењето на вашата агенција и влијаеше на плановите за патување на граѓаните?

Грција, за среќа, не е дестинација која е директно погодена од актуелните случувања, па интересот кај туристите и понатаму останува висок. Таа традиционално важи за сигурна и достапна опција за нашите граѓани, особено во летниот период. Што се однесува до другите земји каде можеби постои зголемена загриженост поради глобалната ситуација, сметаме дека во овој момент нема потреба од паника. Патувањата генерално се одвиваат непречено, а сите релевантни информации редовно се ажурираат од страна на туристичките агенции и надлежните институции. На патниците им препорачуваме да останат информирани и да ги следат официјалните препораки, но и да не носат избрзани одлуки. Во најголем дел од случаите, нема реална причина за откажување или значителна промена на веќе планираните патувања, туку е потребен внимателен и рационален пристап.

Со оглед на тоа што многу македонски граѓани ова лето ќе патуваат кај нашиот јужен сосед, какви цени можат да очекуваат? Дали се предвидува зголемување на цените на сместувањето?

Не е само оваа сезона во која, според мене, Грција е најпосакуваната дестинација за македонските туристи. Впрочем, близината, како и песочните плажи, кристално чистото море, но и навиките, храната, како и пријателството, без разлика на официјалните владини политики, вклучително и цените, се причина за тоа нашите сограѓани неколкупати во текот на годината да ја посетат Грција. Оваа сезона цените се повисоки, како и сѐ останато и кај нас. Но, ние се трудиме да направиме баланс меѓу понудата од партнерите кон нас и понудата кон нашите клиенти.

Дали новата апликација на ЕУ, Системот за влез/излез (EES) може да помогне туристите ова лето и да ги намали гужвите на границите?

На почетокот, веројатно, како и секоја новина, ќе се соочи со одредени предизвици, недоразбирања и недоволна информираност кај граѓаните. Сепак, со текот на времето, како што корисниците ќе се запознаваат со начинот на функционирање, процесот ќе стане значително поедноставен и поефикасен. На подолг рок, ваквите решенија обично носат повеќе придобивки отколку потешкотии, бидејќи придонесуваат за побрзи процедури, помал метеж и поголема организираност, што на крајот ќе значи и подобро искуство за сите корисници.

Кои се најактуелните трендови во светскиот туризам и кои дестинации се најбарани од вашите клиенти ова лето?

Туризмот е гранка која ги спојува и ги зближува луѓето, а патувањата претставуваат можност за создавање нови спомени, емоции и незаборавни доживувања. Воедно, туристичките трендови постојано се менуваат – од година во година, па дури и од сезона во сезона, зависно од интересите на патниците и глобалните случувања. Би нагласил дека на пазарот постои богата понуда, при што нашите колеги нудат аранжмани за дестинации како Турција, Египет, Шпанија, Албанија и многу други. Сепак, ние како агенција остануваме доследни на нашата долгогодишна ориентација и им остануваме верни на нашите соседи. Токму затоа, Грција останува наш единствен избор – дестинација која нуди близина, сигурност и препознатливо искуство за нашите клиенти.

Што им е најважно на патниците денес, понудата, професионалниот пристап или цените?

Точната, прецизна и коректна информација е она што патниците најмногу го ценат денес. Искреноста и љубезниот однос се клучни за градење доверба, особено во туризмот каде клиентите очекуваат сигурност и транспарентност. Ние се трудиме да им бидеме максимално достапни на нашите странки, да одговориме на сите нивни прашања и да им помогнеме да го направат вистинскиот избор. Токму поради таквиот пристап веруваме дека опстојуваме долги години на пазарот, а оваа 2026 година одбележуваме значаен јубилеј – 35 години постоење, што е доказ за довербата што ја градиме со нашите клиенти.

Б.С.