ДУИ за предлог-законот за правична застапеност: Се враќаме во времето пред 2001 кога имаше само 0,2% Албанци во администрацијата

Партијата на Ахмети смета дека предлог-законот за правична застапеност е „брутален регрес“

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Фејсбук/ДУИ

Демократската унија за интеграција реагира на предлог-законот за правична и соодветна застапеност, оценувајќи дека станува збор за отворено предавство од страна на ВЛЕН на досегашните достигнувања во областа на еднаквоста.

Од партијата велат дека наместо напредок, предложеното законско решение претставува, како се посочува, брутален регрес, потенцирајќи дека документот не ги содржи клучните механизми за обезбедување правична застапеност.

„Предлог-законот за правична и соодветна застапеност, изработен од Каракамишева и гласно поддржан од ВЛЕН, не е напредок, туку брутален регрес. Секогаш кога мислиме дека го допреле дното, тие наоѓаат нов начин да паднат уште подолу“, велат од ДУИ.

Додаваат дека предлог-законот што циркулира во медиумите не предвидува етнички квоти, што значи дека, како што велат, ќе продолжи како пред 2001 година кога Албанците биле само 0,2% во администрацијата, не предвидува обврска институциите да ги идентификуваат граѓаните врз основа на етничка припадност при вработување или унапредување и ниту пак се предвидени санкции за непочитување на одредбите.

„Со еден збор: закон за измама, стапица, без душа, без правда. И најголемата иронија? Тие ветија дека ќе ги унапредат постојните механизми, додека во реалноста ги уништуваат оние што веќе постојат. Ниту еден елемент во овој предлог не го спроведува духот на Амандманот 6 од Уставот. Тие свесно ја закопаа афирмативната акција. Ова не е само политички неуспех, туку е намерно враќање во време кое Албанците го надминаа со големи тешкотии.

И она што најмногу боли: во овој документ што ги брише правата, стојат и албански потписи. Ова е црвена линија. Ова е аларм.

Секој што сè уште верува во еднаквост, застапеност и достоинство мора јасно да се дистанцира од оваа неодговорна и опасна политика. Не можеме да молчиме кога сегашноста се продава, а иднината се уништува“, стои во партискиот став од Мала Речица.

Владата на последната редовна седница го усвои Законот за правична и соодветна застапеност, со кој, како што информира првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, се воспоставува баланс и истовремено се поставуваат темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација.

Законот за правична застапеност, кој долго време беше во подготовка, треба да го замени т.н. „балансер“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, која Уставниот суд ја укина во октомври 2024 година.

Уставниот суд го укина т.н. „балансер“ на 9 октомври 2024 година. Одлуката да поведе постапка за алатката Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.