Кинескиот извоз во март порасна за само 2,5 проценти во однос на истиот месец лани, што е најслаб раст во последните пет месеци. Во јануари и февруари порасна за 21,8 проценти. Пекинг ги обединува податоците за првите два месеци од годината за да ги ублажи сезонските осцилации поврзани со прославата на Лунарната Нова година. Податоците за првиот пролетен месец ја одразуваат и високата споредбена основа од минатата година, кога кинеските производители го забрзаа темпото на испораки за да ги престигнат најавените значително повисоки американски царини.
Кинескиот увоз, пак, на почетокот на пролетта порасна за 27,8 проценти. Во јануари и февруари се зголеми за 19,8 проценти.
Така, Кина во март оствари трговски суфицит со светот од 51,13 милијарди долари. Во првите два месеци од годинава тој изнесуваше вкупно 213,6 милијарди долари.
Кинескиот увоз на природен гас во март се намали за 10,7 проценти во однос на истиот месец минатата година, паѓајќи на најниско ниво од октомври 2022 година. Кинеските бродови пренасочиле меѓу осум и десет пратки гас кон други пазари за да ги продадат по повисоки цени, покажуваат податоците на „ICIS“, „Kpler“ и „Vortex“.
Намален е и увозот на сурова нафта, за 2,8 проценти, главно поради високата споредбена основа од минатата година. Пратките кои пристигнале во кинеските пристаништа биле натоварени на бродови пред почетокот на американско-израелската војна против Иран, наведува Ројтерс