Зеленски: Украина првпат зазеде руска позиција без војници, со помош на роботи и беспилотни летала

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинската војска првпат во текот на војната зазела руска позиција користејќи исклучиво беспилотни системи - копнени роботи и дронови

од Кристијан Димков
13 прегледи Фото: Фејсбук/Володомир Зеленски

„Првпат во историјата на оваа војна непријателска позиција е освоена исклучиво со беспилотни платформи – копнени системи и беспилотни летала“, изјави Зеленски во понеделникот. Тој додаде дека руските војници при тоа се предале, а операцијата била спроведена без пешадија и без загуби на украинската страна.

Украинската војска во последните месеци интензивно ја зголемува употребата на копнени роботски системи со кои операторите управуваат од далечина, од безбедни зони, пишува Политико.

Таквите системи се користат за различни задачи на бојното поле – од напади врз непријателски позиции до извлекување на ранети војници од најопасните подрачја, т.н. „зони на смртта“, каде што класичните тимови за евакуација би биле изложени на голем ризик, особено од напади со дронови. Еден од таквите системи, роботот „Droid TW-7.62“, опремен со елементи на вештачка интелигенција за автономно откривање, следење и неутрализирање цели, во јануари заробил тројца руски војници, според наводите на украинскиот производител „DevDroid“.

Според Зеленски, во првите три месеци од 2026 година копнените роботски системи извршиле повеќе од 22.000 мисии на бојното поле. „Со други зборови, животите се спасени повеќе од 22.000 пати, бидејќи робот влегувал во најопасните подрачја наместо војник. Станува збор за висока технологија која ја штити најголемата вредност – човечкиот живот“, порача тој.