Приемот на нови членки во ЕУ требаше да биде тема на самитот на блокот во Никозија подоцна овој месец, но како знак за амбивалентноста на лидерите, малку е веројатно дека тоа ќе се случи, изјавил висок функционер на Унијата вклучен во подготовката на состанокот.
„Проширувањето мора да остане строго и засновано на заслуги за да се обезбедат неговиот успех и кредибилитет“, изјавил за „Политико“ францускиот министер за европски прашања, Бенжамен Адад.
Во владите на ЕУ најголем страв постои од политички удар врз лидер кој би ја отворил темата за нови членки на ЕУ во националната дебата, изјавиле дипломати и функционер на ЕУ вклучени во процесот на проширување, сите под услов на анонимност.
Главните градови на ЕУ стравуваат и од повторување на дебатата за „полскиот водоинсталатер“, која се водеше пред влезот на Полска во ЕУ, кога некои политичари тврдеа дека евтината полска работна сила ќе ги преземе добро платените работни места во Западна Европа.
„Истите полу-популистички, полу-ксенофобични аргументи што ги слушавме за Полјаците веројатно ќе ги слушаме и за Украинците и за другите кандидати“, изјавил дипломат од една средно голема членка на ЕУ.
Стравувањата се особено силни во Франција, која според законот ќе мора да одржи референдум за прием на нова членка на ЕУ. Особено гласањето за Украина би го поттикнало лидерот на популистичката крајно десна партија, Национална обединување, Жордан Бардела, кој според анкетите би победил во првиот круг од претседателските избори во 2027 година против ривалот од десниот центар Едуар Филип.
Франција, сепак, не е единствена. Дипломати на ЕУ велат дека Германија, Холандија и Италија истакнуваат дека тешкиот процес заснован на заслуги мора да се почитува без исклучок од геополитички причини, иако разбираат зошто земји како Украина и Молдавија се под притисок брзо да се приклучат на ЕУ.
„Секако дека не сакаме да го ослабиме (претседателот на Украина Володимир) Зеленски… но големото мнозинство членки во моментов не сакаат ваква дебата“, изјавил дипломат од една голема европска земја за „Политико“.
Победата на Петер Маѓар на парламентарните избори во Унгарија ги оживеала надежите дека Будимпешта би можела да го ублажи долгогодишното противење на членството на Украина. Сепак, Маѓар очигледно е подготвен да го задржи ставот на својот претходник Виктор Орбан, и на вчерашната прес-конференција изјавил дека не сака да го забрза членството на Киев.
Стравувањето во главните градови на ЕУ е и искуството со Унгарија како фактор што опструира, а која е обвинувана за ограничување на демократијата за време на Орбан, како и за врски со Русија и блокирање на европската поддршка за Украина.
Приемот на нови членки отвора можност за други „тројански коњи“, а Комисијата сака да го заштити процесот на проширување, на пример така што на новите членки би им се ускратило правото на вето во првите неколку години од членството.
Фон дер Лајен по поразот на Орбан изјавила дека се залага за укинување на правилото за едногласност, кое, меѓу другото, ѝ дозволува на една земја да го блокира процесот на пристапување на кандидат за членство.
Дури ни околу Црна Гора, која ги завршила речиси сите чекори за да стане нова членка на ЕУ, земјите од Унијата не успеваат да се договорат за следната фаза – мандат за почеток на изработка на договор за пристапување. „Сè уште е во преговори“, изјавил еден дипломат на ЕУ.
Три црногорски функционери укажале на Франција како веројатна пречка. Париз одговорил дека не е единствениот што има загрижености и побарал поширока дебата за проширувањето.
Застојот во проширувањето е проблем и за Украина, која членството во ЕУ го гледа како безбедносна гаранција од идната руска агресија. Потенцијален мировен договор со Русија би можел да вклучи перспектива за членство на Украина во ЕУ веќе во 2027 година.
Некои земји од ЕУ се противат на членството на Украина следната година, додека членките кои најмногу ја поддржуваат, меѓу кои Шведска и Данска, сега бараат до крајот на следната година да се завршат преговорите. Сепак, почетокот на преговорите за пристапен договор би барал зелено светло од сите членки.