Минхен 1938, Минхен 2015 – првиот датум е симбол на една политичка трагедија, а втората може да биде не помалку судбоносна за безбедноста на Европа и светот, тврди Кристијан Трипало во својот коментар.
Реализира ли Русија некаква долгорочна стратегија или рускиот претседател Владимир Путин чисто интуитивно ги искористи предностите на конкретни ситуации, за да ја постигне својата цел: заживување на Русија како Голема сила? Политичари и аналитичари ги прашуваат овие прашања најмалку година – откако Путин го анектира полуостров Крим и ја разгорува војната во Донбас, со која ќе се види како ќе одолеете европскиот поредок.
Секогаш досега рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров бил посакуван гостин на Минхенската конференција за безбедност. Тој е единствениот од Кремљ, кој одржува добри контакти со Западот и на тој начин повеќепати придонесува за некое смирување на настанати политички тензии.

Овогодинешниот говор во Минхен сепак предизвика ужас, збунетост и потсмев. На моменти Лавров звучеше како рецитатор, кој механички ги повторува фразите на една безобразна пропаганда чија врв беше грешниот и опасен заклучок дека Западот бил виновен за сè, зашто по распадот на Советскиот Сојуз, тој се обидел на секаков начин да понижува Русија.
Вербално излета од шините
По таа логика излегува дека сè што сега прави Русија, има за цел да го измие оној срам, кој земјата била принудена да го трпи во текот на повеќе од две децении. Лавров сепак се самоизобличи со гневната забелешка дека по падот на Берлинскиот ѕид Западот се однесувал како даја добил Студената војна. А зар тоа не е точно така? Фантазирањето во политиката често води до преценување и авантуризам.
Уште во 2007 година Путин ја искористи говорницата на Минхенската конференција за безбедност, за да ги напаѓа САД и НАТО. Тогаш тоа беше изненадување за многумина. Ретроспективно гледано, станува јасно дека критиките на Путин против т.н. униполарен свет биле нешто повеќе од реторички закана кон Запад. Со нив Путин всушност ги обзнанува програмските основи на сегашната руска надворешна политика и на она што се случи во Грузија, Молдавија, во Крим и во источна Украина. Вознемирувачкиот говор на Лавров оваа година само стави еден финален акцент во оваа насока.
Новата конфронтација Исток-Запад
Ако историчарите во иднина почнат да се прашуваат каде и под кои околности започна новата Студена војна, тие спокојно би можеле да посочат кон баварската престолнина. Минхен стана нешто како симбол на новата конфронтација меѓу Истокот и Западот, иако оваа нова конфронтација да е само пропадната копија на претходната.
Никој на Запад не го сака овој нов конфликт, кој впрочем не почива на идеологија или идеолошка конкуренција. Русија не е во состојба да понуди некаков општествен модел, кој ќе биде прифатлива алтернатива на западниот. Искуството на Кремљ да моделира некој руски православен свет како антипод на западните вредности, е премногу вештачки, а и лишен од привлечноста.
Руското политичко раководство дејствува против интересите на земјата како отфрла рационални аргументи и предлози и се враќа кон политика на насилството. Неминовно на повидок паѓа и т.н. Минхенски синдром поврзан со судбоносната 1938 година. Во тоа време западните држави веруваа дека ќе го смират Хитлер ако му го ветат Судети и тоа без воопшто да се зборува со Чехословачка. Истиот овој “Минхен” денес ги плаши Украинците, бидејќи им покажува што може да се случи со една земја, која стана играчка во рацете на големите сили.
Позитивно е барем тоа дека украинскиот претседател Петро Порошенко ќе присуствува на преговорите за примирје, кои ќе се одржат во средата (11.2) во Минск. Но што и да се договори таму – новата конфронтација меѓу Истокот и Западот нема да биде надмината. Премногу силно се исцртуваат линиите на поделба, кои Русија ги претстави во Минхен.
