Неколку десетици демонстранти облечени во црно се судриле синоќа со полицијата во центарот на Атина, по собирот против владата.
Ова се први демонстрации против власта откако левичарската партија Сириза пред еден месец стапи на власт.
Демонстрантите кршеле излози, фрлале димни бомби и палеле автомобили.
Околу 450 крајно левичарски демонстранти излегоа на улиците на Атина, протестирајќи против владејачката коалиција на премиерот Алексис Ципрас, која минатата седмица склопи договор со партнерите од ЕУ за продолжување на програмата за помош на Грција.
После протестниот марш, околу 50 демонстранти ја гаѓаа полицијата со димни бомби и камења, а во судирот се разбиени неколку излози и автобуски станици, пренесува Ројтерс.
Синоќешните инциденти, иако во помал обем во однос на минатогодишните, се прв јавен бунт против левичарската влада, која откако беше избрана на 25 јануари, вети дека ќе го отпише поголемиот дел од грчкиот долг и ќе стави крај на мерките за штедење.