40 маченички плати, придонеси, здравје и достоинство, побараа вработените од ЕМО кои денес повторно излегоа на мирен протест незадоволни што нивните барања и понатаму остануваат неисполнети, пренесе Охридњуз.
– За жал и понатаму состојбата е непроменета иако преку медиумите слушавме разни изјави и приказни- дека ЕМО работи со капацитет од 80% . Како би работела фирмата ако шест или седум месеци нема струја, греење, нема обезбедена работа. Она што го изјавуваат е дезинформација, лага , изјави Миле Крстаноски, претседателот на синдикатот на ЕМО Охрид.
Крстаноски информира дека на 5 март биле повикани на разговор со премиерот Груевски кој сакал од прва рака да слушне за проблемите во компанијата и за барањата на вработените.
– Премиерот не вети ништо, најверојатно сакаше само да не ислуша. Се кажуваше дека ќе влезе државна фирма, беше посочена МЕПСО и странска фирма од Германија како странска инвестиција. Имаме информации дека во МЕПСО владее отпор во однос на најавата дека 50 луѓе од ЕМО ќе бидат префрлени во МЕПСО. Се прашуваме дали некој ќе вработи работник кој има над 50 години старост, сите одат на вработување до 30 години, така да не веруваме во тие најави. Дај боже да се остварат, вели Крстаноски.

