Стотици средношколци му се приклучија на маршот иако Средношколскиот пленум од Битола деновиве континуирано се жалеше на притисоци и закани. На фејсбук страната на битолскиот Пленум е објавено видео снимено денес каде професорка ги принудува учениците да одат на настава, а друга професорка им се заканува дека учеството на маршот ќе им се одрази во поведението.
– Вие од трето осум качувајте се одма горе, за десет минути – им вели професорката. Кога средношколците ќе и речат дека одат на протест за што имаат право, таа им одговара:
– Ти доста, со тебе не разговарам. Не ме интересира, од трето осум ме интересираат. Значи ве молам овој и другиот час да бидете со мене. Ќе ве запишам сите кои нема да дојдете. Страшно ќе се разочарам ако не појдете горе. Што е проблемот, што сакате да правите? – им вели професорката.
– Не сакате да се качите, добро немојте, ама немојте да дојдете на крајот на годината и да барате повединието да ви се врати назад. И за факултет ви треба и за до крај на животот – им вели другата професорка.
Средношколците од Битола сепак маршираа против екстерното тестирање во средното образование.Излегоа со две барања: укинување на екстерното тестирање и враќање на стариот модел на државна матура.
Велат дека излегоа на марш, затоа што нивните барања беа игнорирани од Министерството за образование и наука и протести ќе организираат се додека надлежните не ги разгледаат сериозно нивните укажувања за недостатоците во новиот концепт на државна матура.
Изминатата недела се одржаа повеќе средношколски маршови во неколку градови во земјава на која се појавија повеќе илјадници средношколци, родители, професори и граѓани.