Грчката влада даде целосно нереални ветувања на своите гласачи кои не може да ги исполни, изјави поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо во интервју за Би-Би-Си.
Според Баросо на грчката влада на чело со премиерот Алексис Ципрас и недостига искуство, додека барањата на Атина се целосно неприфатливи за другите држави.
– Не е од корист ако Грција ги напаѓа државите кои се обидуваат да и помогнат. Мора да се потсетиме дека постојат посиромашни држави што и позајмуваат пари на Грција, така што, предлогот за отпис на долгови сигурно ќе наиде на негодување кај нејзините партнери, истакна Баросо.
Баросо ја повика Грција да преземе одговорност за својата финансиска борба и да спроведе структурни реформи, кои моментално се најважно прашање за земјата.
– Ниту Германија, ниту било која друга земја членка на ЕУ не ги создаде проблемите во Грција. Проблемите во Грција се структурни, а тоа се ниска продуктивност и лоша политика на претходните влади, порача Баросо.
Според Баросо државите како Ирска, Португалија и Шпанија се вратија од работа на финансиски банкрот, а тоа може да го направи и Грција. – Не постои ништо во поглед на Грција што ја спречува да биде успешна, но лошите политики создадоа мноштво проблеми за Грција, изјави Баросо.
Баросо нагласи дека потенцијалниот излез на Грција од еврозоната би бил негативен, но дека во овој момент би предизвикал помала штета, бидејќи финансиските пазари имаат поголема доверба во однос на претходните години./ МИА