Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров ќe ја посети Србија 15 мај, соопшти неговиот српски колега Ивица Дачиќ за белградскиот весник “Политика”, пренесува БТА.
“Посетата е дел од нашите редовни посети. Ќе разговараме за билатералните односи и претседателството на Србија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ)”, наведува Дачиќ во интервјуто објавено во саботното издание на весникот. Во Белград Лавров ќе има средби и со претседателот на Србија Томислав Николиќ, како и со премиерот на земјата, Александар Вучиќ.
Српскиот министер за надворешни работи потсетува дека минатата сабота се сретнал со Лавров, во вторникот – со својот германски колега Франк Валтер Штајнмаер, а во четврток во Хаг – со министерот за надворешни работи на Украина Павло Климкин. Сите разговори беа со цел да се исполни мировниот план за Украина од Минск, вели Дачиќ. Тој додава дека на 28 јуни во Белград ќе биде организирана средба на тројката на ОБСЕ – претходниот претседавач од Швајцарија, сегашниот од Србија и следниот од Германија.
