На протестот завчера, на снимките видов и едно мое пријателче како го приведуваат. Се изненадив, мирна уметничка душа. Си реков најопасно или вистински доказ за режим, за тоталитаризам е кога ќе ги разбудиш тие најмирните уметнички души, кога некој од мувлосана правлива библиотека ќе подигне поглед од книгите и кога тој, библиотекарот, ќе излезе и ќе протестира. Некако таков е мојот пријател.
Време за пркос за протест , тоа е дефинтивно оваа време. Го гледам пријателчето го водат специјалциве, го буткаат како криминалец и му пишав смс :
„Абе тебе те приведоа?“ Ми врати за кратко… „Да, во станица сум, не знам зошто ама тоа е тоа!“
Потоа повеќе не ми одговараше. Се рапрашував ѕвонев ама ништо. Сѐ до ноќеска, а нели кај нас сѐ е по закон, 24 часа приведување за бунтување.
Ноќеска во ниедно време ми вратил СМС. Без да го прашам го споделувам бидејќи мислам дека треба сите да знаат.
„..прво, не бегав, застанав.
Се стрча еден накај мене, кренав раце. Ме фати, ме тресна од земја и удри по глава. И си реков: ај…добро, као мора така.
Ама ме шокираше моментот кога така легнат, совладан, без да пружам отпор почнаа да ме шутираат уште други тројца од ЕБР, главно во градите.“
МЕ БОЛЕШЕ МНОГУ ПОВЕЌЕ ТОА… ЗОШТО?
„Немаат цел. Не се овие психолошки третирани. Еден од приведените со мене, имаше еден дечко, бил во градска библиотека, си учел, не бил ни на протести, го фатиле го искршиле од мавање.ЗОШТО?“
НЕ му одговорив ништо бидејќи и јас се прашувам, ЗОШТО?
Драган Антоновски
