– Во една тешка недела за државата, се сретнавме да дадеме заедничка поддршка на демократските вредности, вклучувајќи го и правото на мирен протест и на осуда на насилството без разлика дали во криминални или политички цели. Ние исто така се согласивме да продолжиме со дијалогот за унапредување на евроатлантската агенда за доброто на граѓаните. Ова е заедничката изјава на лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, односно на Зоран Заев, Никола Груевски, Али Ахмети и Мендух Тачи. Изјавата пред новинарите е соопштена за време на паузата на средбата во Клубот на пратеници, која траеше неколку часа. Во принцип најконкретно е дека се договоирле за да се договараат, нешто слично како и средбите во Брисел. Договараат рамка за разговори, или само форма без суштина. Ќе се видат повторно во понеделник.
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, во брифинг со новинарите рече дека на средбата секоја страна ги истакнувала своите ставови а амбасадорите биле само гости на средбата, како што побара вчера Зоран Заев, кој рече дека не седнува на иста маса со премиерот Груевски доколку нема присутни претставници на меѓународната заедница.
Има иницијатива за заживување на политичкиот дијалог во земјава, а според партиски извори, четирите партии веќе ги изложиле своите ставови на денешната лидерска средба во Скопје. Од СДСМ брифираат дека единствено решение за најголемата опозициска парија е оставка на Груевски и формирање на преодна влада. Тој став денеска на средбата го искажал и Заев.
На средбата како набљудувачи присуствуваа амбасадорите на САД и ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав. По завршувањето на средбата тие не дадоа изјави.
