Преговорите во Стразбур помеѓу лидерот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен премиер, Никола Груевски, и лидерот на СДСМ, Зоран Заев траеле 10 часа, а завршиле пред 4 часот по полноќ, но официјалното соопштение сѐ уште не е излезено, иако нема очекување дека тука нешто ќе биде кажано. Ќе има уште договарања, но и промени велат извори од преговорите.
И покрај оптимизмот на еден од преговарачите, известувачот Иво Вајгл, сепак двете делегации се далеку од договор, велат извори на Локално.мк за ноќешната средба. Констарирано е во кого е проблемот и што би требало да ги доближи двете страни. Сѐ тоа што е разговарано треба да се утврди како потпипшан договор, а тоа ќе биде дефинитивно откако двете делегации ќе се преслушаат за истото пред најтесниот круг на раководствата на партиите.
Посредници во преговорите се евро пратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан, Ричард Ховит и еврокомесарот за соседска политика Јоханес Хан.
Средбата се одвиваше зад затворени врати, далеку од објективите на камерите.
Во делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ се наоѓаа покрај претседателот на партијата Никола Груевски, уште Мартин Протуѓер, Никола Тодоров, Никола Попоски, Сашо Мијалков, а тука беше и пратеникот Влатко Ѓорчев кој и се приклучи на делегацијата во Стразбур.
Вообичаено во вакви тешки преговори се излегува со штуро и протоколарно соопштение дека се договориле да ја надминат политичката криза, а деталите обично доаѓаат по примената на договореното. Очекувањата се дека мора да се преговара, и веројатно ќе следат нови поголеми притисоци врз двете страни за да се доближат позициите.
Сега по оваа посредништево на Брисел, ќе следуваат коментарите од САД, и многу веројатно, со новиот контекст, ќе стигнат и пораките од Русија, за охрабрување на позициите на противниците.
СДСМ пред преговорите е јасен дека инсиситира на оставка од Груевски и преодна влада, што потоа може да биде дефинирана и како широка, политичка , техничка, но без Груевски во неа и секако тоа веднаш.Сѐ тоа треба да заврши за 6 недели.
ВМРО ДПМНЕ, сѐ тоа можеби би го прифатиле соочени со притисокот, и аргументите кои произлегуваат од нови докази за практицирањето на власта на Груевски и „братјата“, велат дека би сакале се тоа да го одложат ама најмалку за 6 месеци велат извори од партијата.
Во овој контекст на надминување на кризата странските фактори го пакуваат и решавањето на прашањето со името, што би ја поставило Македонија потоа во еден друг побезбеден европатлански контекст.
Како што дознава Локално.мк во наредните денови ќе биде ангажиран висок американски преговарач кој со знаење на конгресот на САД ќе биде во функција да ги седне сите страни во изнаоѓање на решение за деценискиот проблем со името.
„Средбата не беше залудна и вредеше што се одржа“!, изјави на крајот извстувачот за Македонија европратеникот Иво Вајгл, и тоа е дефинитивно така кога се дава предност на дијалогот, наместо на пропагандата и повикот за насилства и судири на граѓанството велат од учесниците на средбата .
Пред оваа средба во Стразбур, претходно во Клубот на пратеници се одржа и втората лидерска средба на четирите најголеми партии, на која покрај Груевски и Заев, присуствуваа и Али Ахмети и Мендух Тачи, која заврши без договор.
Заев после состанокот за новинарите тогаш изјави дека очекува во Стразбур да слушне конкретни предлози кои потоа ќе бидат разгледани на наредниот состанок на 26 мај во Скопје.
Соопштение од средбата во Стразбур, по усогласувањето на сите страни, се очекува да биде објавено попладнево.

