Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека нивни претставници нема да присуствуваат на закажаниот состанок со еврокомесарот Хан на 10 јуни во Брисел.
– Изјавата во Вашингтон, на Јоханес Хан, комесарот за проширување на ЕУ содржи елементи на пристрасност и несоодветно во подготвителниот период пред одлучувачката средба во Брисел. Зачудува оценката на Хан, за генерално позитивни извештаи од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните изборни циклуси во Македонија. Ниту ОБСЕ/ОДИХР, ниту ЕУ досега не констатираа дека извештајот за изборите во РМ е позитивен, изјави Заев.
Според него, доказите од прислушуваните телефонски разговори ја разоткриле меѓу другото и криминалната позадина на повеќе изборни циклуси во Македонија и организирани и спроведени од власта.
– За целиот овој период ние се однесуваме максимално демократски и седнавме на заедничка маса и покрај нерамноправната позиција на која што бевме поставени, изјави лидерот на СДСМ.
Вели дека по разговорите на 2 јуни во Скопје на кои присуствуваше и Хан, подигнат е уште еден обвинителен акт против него и тоа за земање поткуп иако кривичната пријава на МВР била за обид за поткуп.
Тврди дека е направена диверзија на автомобилот на синот на Зоран Верушевски и оти се направени нови претреси на домовите на притворените лица.
– Дадовме максимум во овој сериозен процес и очекуваме тоа да се почитува од сите страни, изјави Заев, кој рече дека во овој момент не би одговарал на новинарски прашања
