Долниот дом на романскиот парламент го отфрли барањето на јавниот обвинител за поведување на кривична постапка против премиерот Виктор Понта, пренесе Аџерпрес.
На 5 јуни обвинителите од Националната дирекција за борба против корупцијата најавија дека Понта е осомничен за корупција, вклучувајќи го како соучесник во даночно затајување од 2007 до 2008 година, додека бил пратеник. Понта е осомничен уште за конфликт на интереси и за перење пари. Претседателот Клаус Јоханис го повика премиерот да поднесе оставка.
Правната комисија на Домот на делегатите изготви вчера извештај во кој се препорачува барањето на јавниот обвинител да биде одбиена. Овој извештај беше подложен денес на гласање во пленарна сала и доби 231 гласа против 120.
Премиерот Понта коментира дека ова е еден “нормален резултат”, информира Аџерпрес. “Сакам и верувам дека парламентот и владата имаат обврска да го почитуваат уставот и да ги заштитуваат најмногу другите”, рече уште тој.
Претходно денеска Понта објасни дека размислувал да поднесе оставка, откако беше информиран за истрагата, но решил да остане, за да се обезбеди политичка стабилност во земјата, пренесоа американските медиуми. Премиерот истакна дека оставката на неговата влада би причинила “политичка криза од три, четири, пет месеци”.
Понта изјави дека ќе соработува со обвинителите и негираше дека направил нешто лошо. Тој посочи дека ако беше министер, требаше да поднесе оставка.
Премиерот изјави дека очекува да го преживее гласањето за недоверба, поднесена од опозицијата, кој ќе се гласа во петок, додава Ројтерс. Според Понта со гласањето во петок ќе биде ставен крај на еднонеделната политичка криза. “Девизниот курс на леот, сите податоци кои се однесуваат на довербата на инвеститорите во Романија, треба да бидат променети, па затоа е многу важно да покажеме дека не станува збор за долгорочна криза”, изјави Понта пред новинарите.
Денешното гласање е главна тема на медиумите во Романија.
Откако беше обвинет, премиерот не прави ништо друго освен да бара поддршка како во партијата, така и во парламентот, пишува “Адеварул”. Мнозинството на неговата Социјалдемократска партија (СДП) во правната комисија на Домот на пратениците веднаш се активира и го повика премиерот на сослушување неколку часа подоцна. Понта се заштити за неколку минути, што беше доволно за пратениците правници да го одбијат барањето на јавниот обвинител за поведување на кривична постапка, пишува весникот.
Според изданието Понта сакал да фи анулира проблемите со гласањето за недоверба на владата,а целта на ова е што побрзо да се намалат нападите против него. Мнозинството на СДП ќе го спаси од кривично гонење, а Понта ќе може да каже дека бил во рацете на парламентот, кој е гласот на народот, пишува “Адеварул”, повикувајќи се на извори од СДП.
Исто вчера Понта ги свика во Букурешт сите важни водачи на владејачката партија, за да им покаже дека нема од што да се плашат во однос на останувањето на власт на СДП, иако се покренати обвиненија. По седницата од два и пол часа Понта ја доби поддршката на сите социјалдемократи без исклучок, пишува “Адеварул”. За да биде сигурен дека никој нема да дига глас на седницата Понта ги поканил лидерите на партиите од владејачката коалиција, Габриел Опреа, Калин Попеску Таричеану и Даниел Константин кои ги уверија СДП во својата лојалност, пишува “Адеварул”.
Истовремено премиерот се закани на опозицијата со репресија, ако повикуваат луѓе на улица, за да протестираат против владата, пишува “Путерја”. Понта ги повика копретседателите на опозициската Национално-либерална партија да покажат разум и “да не ја палат земјата”. Во спротивно, рече премиерот, ќе се свртиме кон јавниот обвинител, за да ги спроведе соодветните активности од Кривичниот законик. Практично Понта се закани на либералите со 10-20 години затвор, бидејќи станува збор за националната безбедност, пишува “Путерја”, како анализира членот од КЗ, на кој се повикува Понта.
Министерот за правда Роберт Казанчук исто така се закани на лидерите на опозицијата, истакнувајќи дека “организацијата на нелегални политички манифестации со цел попречување на остварувањето на власт од парламентот или владата може да доведе до поднесување на кривична одговорност”.
Весникот “Романија либера” ги одредува овие закани како “Прв чекор кон диктатура”.
Во коментар, насловен ” копи-Пејст (copy-paste) Чаушеску”, весник “Гандул” наведува дека Понта е болен од власт и се заканува со затвор на луѓето кои се осмелуваат да излезат на улица, за да побараат негова оставка. Слично на Николае Чаушеску, Понта не сака да си замине, ако не биде “отфрлен” од неговото Велико народно собрание, пишува “Гандул”.
Ситуацијата со романскиот премиер, поради наводните обвинувања, го привлече вниманието и на партнерите на Романија во ЕУ. Претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол коментира: “Неприфатливо е премиерот на една страна да се заканува за мирни демонстранти со кривични санкции”. Тој исто така рече дека претставниците на Владата не би требало да го користат парламентарното мнозинство за сопствени цели.
Водачот на групата на ЕПП во Европскиот парламент Манфред Вебер побара вчера ситуацијата со романскиот премиер да биде разгледана во Европскиот парламент, а претседателот на ЕП Мартин Шулц предложи тоа да се случи во Комисијата за граѓански слободи, правда и внатрешни работи, пишува “Гандул”.
