САД загрижени за светската економија, повторно ги повикаа Грција и доверителите за договор

од desk3
158 прегледи

Советник на американскиот претседател Барак Обама ги повика Грција и доверителите да најдат решение, пренесоа светските новински агенции. Zа Вашингтон е важно двете страни да се договорат.

Потсетуваме порано министерот за финансии на САД Џејкоб Лиу веќе ги предупреди и двете страни за последиците за светската економија, ако не биде постигнат договор.

430x297

Претставник на Федералните резерви изјави дека ова е една од темите, земена и следена со големо внимание од институцијата, бидејќи би имала негативно влијание и врз американската економија.

Се очекува во понеделник итна средба на лидерите на еврозоната со цел избегнување на банкрот на Атина.

Кризата во Грција се продлабочува, а чувството на несигурност почнува да шири паника во населението. Само за последната недела од грчките банки се повлечени рекордни 3 милијарди евра.

Денес претстои вонредна средба на Европската централна банка (ЕЦБ), на која ќе биде одлучено дали ќе се зголеми итната ликвидност за грчките банки.

Извор од грчката влада објави дека грчкиот банкарски систем е стабилен. Од прес-центарот на грчкиот премиер Алексис Ципрас лиферуваа соопштение во кое се изразува надеж за постигнување на договор “во последен момент” и се оценува како “позитивна” одлуката за состанокот во понеделникот. На истото мислење е грчкиот министер за економија и туризам, кој е убеден во изнаоѓањето решение и не верува дека земјата ќе ја напушти еврозоната, пренесоа агенциите.

Грција има помалку од две недели, за да склучи договор за реформите потребни за деблокирање на последната транша од спасувачката програма пред датумот на кој треба да изврши плаќање во износ од 1,6 милијарди евра кон ММФ, или да прогласи банкрот .