Лидерите и ЕК во усогласување на барањата пред финалната средба

од Vladimir Zorba
103 прегледи

Белгискиот експерт, Петер Ванхоуте, во наредните денови ќе оствари серија средби со раководствата на четирите партии, за подготовка на клучната лидерска средба закажана на 29 јуни.Има умерен оптимизам дека ќе се дојде до решение за излез од кризата. Ваков е впечатокот во политички и аналитички кругови по вчерашната кратка средба, на која македонската лидерска четворка искажа посветеност за целосно спроведување на договорот од 2 јуни. За таа цел, на 29 јуни лидерите ќе ги продолжат започнатите разговори, пишува Дојче Веле0,,18509428_303,00

Крајот на месецот, условно речено, се смета за последен рок до кој лидерите треба да се усогласат околу финалниот договор, бидејќи наредниот месец веќе ќе започне подготовката на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, со кој ќе се одлучи дали земјата ќе ја задржи или ќе ја изгуби препораката за почеток на преговори. По неуспехот на разговорите во Брисел и со претстојниот ризик за губење на препораката, лидерите деновиве демонстрираа волја за одредени отстапки од првично декларираните тврди позиции во преговорите, со цел да и овозможат на земјата да продолжи по патот за интеграција во ЕУ.

Државните пред партиските интереси

Во партиите има надеж дека за десетина дена ќе се дојде до финален договор. Пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети, во вчерашната средба гледа нов обид за надминување на политичката криза, врз основа на договорот постигнат на 2 јуни.

„Јас гледам на овој нов обид за договор, како на единствена надеж да се испрати порака дека, сепак, лидерите во Македонија имаат капацитет да ги постават државните пред партиските интереси, во пресрет на министерскиот совет на ЕУ, закажан за следната недела во Луксембург.

Во кампусот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ јавно се воздржуваат од коментари. Но, неофицијално и од двете партии потврдуваат дека „мора да се исполнат очекувањата на граѓаните за излез од кризата“. Не сакаат да коментираат дали финалното решение во последен миг ќе се реализира во стилот „земи или остави“, што значи дека нема да има многу простор за „ценкање“. Но, она, за кое социјалдемократите сметаат дека не може да има компромис, тоа е обезбедувањето темелни реформи, услови и гаранции за спроведување фер и демократски избори.

Интензивен период

Деновите до 29 јуни не се сметаат за „изгубени“ и без никакви активности, туку напротив – за многу интензивен период во кој лидерите ќе ги продолжат средбите и консултациите со олеснувачите на процесот, со цел да обезбедат што подобра подготовка и поусогласени ставови за средбата на 29 јуни. Според дипломатски извори, амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, наредните недела ќе биде во Брисел, но Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе продолжи да дава поддршка на партиските тимови во изнаоѓањето конструктивни решенија, како и досега, заедно со американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли. Во Скопје престојува и белгискиот експерт Петер Ванхоуте, кој како претставник на ЕУ учествуваше во подготовката на Извештајот за 24 декември 2012 година.

Тој во наредните денови ќе оствари серија средби со раководствата на четирите партии, во насока на подготовка за клучната средба. Дотогаш се очекува да бидат испеглани разликите по најжешките прашања. Како што дознава Дојче веле, лидерската четворка ќе упати покана до еврокомесарот Јоханес Хан и до европратеничката тројка Кукан, Ховит и Вајгл, за присуство на средбата на 29 јуни. Доколку некој од нив поради службени активности не може да допатува во Скопје на тој датум, можно е лидерската средба да биде поместена за ден-два подоцна. Најавата за ваквата покана, укажува дека лидерите не се сомневаат оти на средбата ќе биде постигнат финален договор, па сметаат дека на тој чин треба да бидат присутни и медијаторите кои први се вклучија во процесот и го знаат текот на преговорите.

 

повеќе тука