Во Македонија постојат закони за заштита на работничките права, но Владата во голем дел тие решенија ефикасно не ги применува, оценува Стејт департментот во најновиот извештај за човековите права.
Правата на работниците се прекршуваат на работните места, а доколку вработените решат да се жалат или да покренат постапка, во најголем дел од случаите тие се заглавени во административните и судските лавиринти – се наведува во извештајот.
Законот го гарантира правото на работниците да формираат и да се здружуваат во независни синдикати, да склучуваат колективен договор и да организираат штрајкови.
Во пракса, Владата не секогаш ги почитуваат овие права. Законот забранува синдикална дискриминација и предвидува враќање на работниците отпуштени поради синдикални активности, се наведува во извештајот на Стејт департментот за човекови права.
И законот за работни односи, според извештајот е со многу недостатоци и недоречености.
Од Стејт департментот реагираа на високите парични казни за прекршување на законот за работни односи, како за работникот така и за работодавачот.
Според дел од независните синдикалци, овој извештај само ја потврди лошата состојба во која се наоѓа македонскиот работник.
На крајот од делот за работничките права во извештајот се наведува и загриженоста околу високиот процент на неформална економија во земјава, или на црно во Македонија работат околу 25% од работниците. Тие луѓе немаат никаква заштита на работното место.
Според податоците од 2011 до 2014 година во земјава имало најмногу несреќни случаи и повреди на работниците на своите работнии места.
