Втор ден преговори,
Вчера почнаа, денеска продолжуваат преговорите по договорот на Хан од Пржино. Следниве две недели ќе бидат исклучително важни, за тоа колку Македонија ќе тргне напред или ќе остане да тапка во место, грабната од неколкумина кои своите амбиции и личниот интерес, профит и пари се обидуваат на Македонија да и го спакуваат како народен интерес, партиска идеологија и демек демократија.
„Пратениците од опозицијата на 1 септември ќе се вратат во Парламентот, но многу важно за севкупната атмосфера и за очекуваниот реформски дух е комплетниот парламентарниот состав да добие на гласање законски решенија конструктивно и ефикасно договорени во работна група, а не да биде сведок на отсуство на каков било напредок“, велат странците кои го мониторираат и посредуваат во преговарачкиот процес.
Според Договорот, предвремени парламентарни избори треба да се одржат до крајот на април. Дотогаш треба да се надминат многу недостатоци нотирани од експертскиот тим на Европската Комисија предводен од Рајнхард Прибе, во повеќе сфери – медиуми, правосудство, служби за безбедност.
Денеска е можеби и една од клучните работи од овој договор и најприоритена обврска – во оваа фаза на процесот, а тоа е договор за законски измени кои треба да обезбедат целосна автономија во работата на новата институција – идниот специјален обвинител, кој треба да биде именуван најдоцна до 15 септември.
Со помош на британскиот експерт Џејмс Хамилтон ќе се утврдува дали е потребен нов закон или постојниот дава доволно простор за независна работа на обвинителот, кој исклучиво ќе се занимава со кривичните дела поврзани со прислушуваните разговори.До колку ова не профункционира се преостанато и да биде договорено нема да се реализира, и нема да значи суштинска промена.
Тука се најголемите очекувања од сите и од граѓаните и од власта и од опозицијата.
За граѓаните како можност да се расчисити со криминалот за кој бомбите ечеа во последните месеци, потврда или само гласно и официјално кажано, тоа коешто постојано се шепка со години наназад.
За опозицијата, да се докаже дека парите се алатката со која се купуваат гласовите, а не вољата на гласачите, но тие пари не се лични на политичарите, туку се крадат од народот. Да се докаже дека таков систем купува, а не добива избори.
За партиските членови и војници да се види дали нивните лидери навистина крадат и лажат или тоа бомбите и медиумите се само мегафони за ширење голи лаги, се со цел да се дограбаат и тие до власта и да „се качи Курто“ за да и тој цица пари како неговиот претходник.
Тука ќе има многу обиди за дефокусација, а тоа е стариот проверен рецепт со „држете го крадецот“, или сега згнаа по Андреа од „Макпетрол“, а се молчи и се заборавија сите други олигарси во и вон власта на кои во секое време може да им се најде што било и регулар да бидат уапсени.Селективноста е проблем, моментумот е пак одговор колку се ова е расчистување со криминал или со елиминација на неистомисленици.
Но, темата или селективниот пристап и не е баш тема, туку веројатно Топ темата на „Телма“ е поиздржаниот повод а другото е веќе видена работа, сакате преку А1, сакате преку тргање на влијателните новинари од големата медиумска сцена и влијание. Елиминација на медиумските неистомисленици и подготовка за новите избори, предвреме се разбира, е добитна проверена шема и комбинација за оваа власт, која тие немаат зошто да ја менуваат. Тие, како би рекле, само сакаат да останат на власт, а сите ние кои не се вклопуваме во нивната прикаска сме ете колатерална штета.
Токму затоа големите очекувања од овие преговори и клучнот спец обвинител се суштината на овој процес, односно ќе победи правната држава или ќе владее само политиката во правото како и досега.
Вчера, очекувано, дневниот ред беше отворен со предлозите за менување на изборната регулатива. Не е спорно дека треба да се прочисти Избирачкиот список, но несогласувањето е дали да се оди на активна регистрација, на гласање со отисок од прст или со теренска проверка. Според опозицијата, ДИК треба да добие поголеми овластувања и целосно да го преземе Избирачкиот список, но таа бара и мнозинство во Комисијата. Од владеачките партии, очекувано нема согласност. Разговорите за менување на изборниот законик продолжуваат утре, но да видиме што ќе биде денеска.
од серијалот Ад / Драган Антоновски