Рано утринава српската погранична полиција дозволи влегување на неколку илјади бегалци кои пристигнаа од Македонија. Во приемен центар во Прешево, во југоисточниот дел на земјата, пристигнаа околу 2.000 лица од Гевгелија.
Се очекуваат уште 3.000.
Според телевизија РТС, во моментов во Прешево владее хаос, бидејќи бегалски поток не стивнува. Меѓу имигрантите има многу жени и деца кои се видливо исцрпени. Вработените во центарот работеле цела ноќ и ги издавале потребните документи. Откако ќе ги добијат уверенијата тие заминуваат за Белград.
Претходно денеска македонскиот министер за надворешни работи Митко Чавков изјави дека Македонија се справува апсолутно сама со бегалската криза “без каква било помош од ниту една земја на ЕУ, а најмалку од страна на Грција”.
“Ние ги повикавме грчките полициски структури да ги преземат потребните мерки и да го намалат трансферот на имигранти што во оваа фаза е неконтролирано и не одговара на капацитетот на Македонија. Очекувам грчката страна да покаже разбирање. Ние од своја страна го сфаќаме нивниот проблем со бегалците, но во никој случај не може да се смета за решение на проблемот тие да ни испраќаат по 5000-6000 лица на ден “, рече уште Чавков.
Само во последните часови околу 4.000 нелегални имигранти влегоа на македонска територија.
