Не постои простор за програмско усогласување меѓу главната опозициска Нова демократија и владејачкиот коалиционен партнер на Сизира околу формирањето влада во актуелниот парламент, изјави денеска извор од грчката Влада, наведувајќи дека премиерот во оставка Алексис Ципрас одбил да се сретне со лидерот на НД Вангелис Меимаракис, пренесува АНА.
Ципрас на 20 август поднесе оставка и побара изборите да се одржат што побрзо, по што грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на Меимаракис му го додели мандатот за формирање нова влада.
грчката агенција наведува дека претседателот на НД утрово го контактирал Ципрас и побарал средба околу доверениот мандат, на што Ципрас одговорил дека не постои шанса да се формира влада со сегашниот состав на парламентот, поради што и поднел оставка.
Според Уставот на Грција, ако една влада поднесе оставка во рок од една година од последните избори, претседателот на земјата треба да врачи прелиминарен мандат на лидери на опозицијата, кои ќе се обидат да формираат влада, почнувајќи од најголемата партија. Мандатот трае три дена и ако напорите не успеат, мандатот и се доделува на втората по големина опозициска партија, а потоа на третата.Ако сите овие обиди да се формира нова влада пропаднат, тогаш претседателот закажува избори. /МИА
