Повици до Иванов да му го одземе орденот на Орбан

од desk3
104 прегледи

Корисниците на социјалните мрежи денеска индивидуално пишуваа статуси со кои го повикуваат претседателот Ѓорге Иванов да му го одземе орденот „8 Септември“ на унгарскиот претседател Виктор Орбан, поради насилството врз мигрантите и новинарите на српско-унгарската граница.

ivanov-orban-orden

Од кабинетот на Иванов ни соопштија дека засега немаат информација дали се размислува во таа насока.

И дневниот весник „Вест“ во утрешниот број, на насловната страница, го повикува Иванов да му го одземе орденот на Орбан.

Унгарскиот претседател изминатите неколку дена се најде на ударот на светските политичари и на јавноста поради затворањето на границите, користењето солзавец и водени топови врз бегалците и мигрантите, насилството врз новинарите, како и новиот контроверзен закон кој предвидува затворски казни и до пет години за бегалците и за мигрантите кои илегално ќе ја преминат границата или физички ќе ја оштетат оградата поставена на границата со Србија.

Орбан во 2013 година беше одликуван со орденот „8 Септември“ во знак на благодарност поради пријателскиот однос на Унгарија, за нејзината поддршка во исполнување на стратешки цели на Република Македонија, како и за принципиелниот однос кон уставното име.

 

МЕТА