Бугарскиот шеф на дипломатијата, Даниел Митов смета дека, потенцијалното решение за името не смее да се дозволи да создава проблеми со другите соседи на Македонија. Според Mитов, Грција има политичка волја за да се најде решение на спорот за името, меѓутоа формулата за решавање на проблемот до сега се покажала како неуспешна.

photo_verybig_165103

Митов во интервју за грчкиот весник „То Вима“ посочува дека, се надева волја да постои и од македонска страна, напоменувајќи дека за решавање на проблемот ќе бидат неопходни компромиси.

– Ќе бидат потребни компромиси, но формулата за името која ќе се најде, треба да го реши проблемот засекогаш, без да создаде дополнителни проблеми на другите соседи. Скопје треба да ги спроведе реформите. Сметаме дека вмешувањето на Европската Комисија со цел да се исполнат Копенхашките критериуми и истражувањето на случаите со прислушкувањето е позитивен чекор – вели Митов за „То Вима“.

Забележува дека и за Софија, како и за Атина интеграцијата на државите од Балканот во НАТО и ЕУ останува приоритет, односно дека ЕУ нема да биде целосна без да ги има државите од Западен Балкан во европското семејство.

Сепак, според него ЕУ не смее да си дозволи да не се советува со трите држави од Југоисточниот дел на Европа кои се веќе држави – членки, односно Бугарија, Грција и Романија при одлучувањето на следните чекори за интеграцијата на Балканот во ЕУ. Митов со ова индиректно ја критикува Германија што одбива веќе две години да ги повика овие три држави на Самитот за Западен Балкан во Берлин.

– Во врска со процесот на Берлин, треба сите да ги усогласиме нашите позиции во соработка со институциите на ЕУ. Сигурен сум дека имало благородни цели зад овој процес, меѓутоа не може тој да е целосен без присуството на Грција, Бугарија и Романија. Многумина мислат дека Балканот е регион со многу проблеми кои балканските држави не може да ги решат. Но, ако ги земете за пример врските Грција – Бугарија, може да утврдите дека сме во позиција да најдеме решение –  додава Митов.

 

МЕТА

Слични содржини