Првиот опозиционер Заев, на програмскиот конгрес на СДСМ повика на финална битка Македонија да стане земја на еднкави и слободни граѓани и економски стабилни семејства. Заев укажа дека не треба никој да се лаже дека ќе има избори доколку не се исполнети сите услови на време.
“Во финалето сме, финале што ги испраќа Никола Груевски и расипничката власт во историјата. Тоа веќе се случува. Да, го одолговлекуваат преговарачкиот процес. Пуста кожа мила им е, а извалкана до коска. Што да прават?! Им требаат нови криминални избори. Но, кражба на уште едни избори НЕМА ДА ИМА! Договор поради договор НЕ Е ОПЦИЈА!
Неопходен е беспрекорен предизборен и изборен процес. Нема бегање од Договорот од Пржино! Специјалното обвинителство е формирано, преодна влада е формирана, за неколку дена Никола Груевски заминува. ”
Преговорите се во застој, ама нема бегање од договорот од Пржино -Во вторник седнуваме!
Заев ја објави и програмата со која општетството го поставуваат на 5 столбови.
“Се обврзуваме на одговорна власт. Ќе обезбедиме да функционираат сите механизми со цел контрола врз власта. Граѓаните ќе знаат за што се трошат нивните пари, тие директно ќе учествуваат во одлуките. Главен критериум за вработување нема да биде партиската книшка, туку стручноста и работното искуство. Административните службеници нема да бидат бркани од работа. Каде што има превработеност ќе има реорганизација по претходно направени анализи. Ќе ја зголемиме ефективноста и ефикасноста на јавната администрација. Ќе го искористиме тој потенцијалн на наши граѓани за успешна Македонија.Ќе воведеме флексибилно работно време и институции отворени за граѓаните до 20 часот.
Ќе покренеме иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет. Ќе обезбедиме законска основа со јасни критериуми за избор и напредување на судиите. Ќе ги намалиме судските такси што ја прават правдата недостапна за граѓаните. Ќе овозможиме вистинска бесплатна правна помош за ранливите категории граѓани. Две години по преземањето на власта, ќе содадеме правен основ јавниот обвинител на Република Македонија да се избира по предлог на опозицијата. Нема повеќе МВРО. МВР, полицијата ќе бидат “сервис на граѓаните“. Видовте како почнавме да работиме. Ќе го вратиме полицаецот – позорникар, нашиот пријател во маалото.
Ќе го подобриме стандардот и квалитетот на животот на припадниците на МВР на тој начин што ќе се распоредуваат на работа во местото на живеење. Ќе ја укинеме Радиодифузната такса. Ке ја вратиме ефтината тарифа на струја.Ќе создадеме услови за работа на слободни и професионални медиуми, наместо партиски мегафон, во што ги претвори оваа власт најголем дел од медиумите. Ќе воведеме праведен даночен систем. Ќе го укинеме рамниот данок на ВМРО-ДПМНЕ со којшто сите граѓани плаќаат данок на доход по иста даночна стапка без разлика колкави се нивните плати, пензии и останати приходи. Во првите 100 дена од мандатот ќе отвориме јавна расправа за можноста за воведување Програма за еднаков старт во животот.Нашата цел во делот на социјалната политика е да ја намалиме стапката на сиромаштија во Македонија.
Ќе воведеме програми за извлекување од сиромаштија. Ќе го реформираме социјалниот систем. Граѓаните почнаа да чувствуваат што е грижа. Ќе обезбедиме заштита на секое дете, преку професионализација на улогата на згрижувачките семејства. Ќе воведеме еднакви родителски права по разводот. Еднородителските семејства ќе добиваат помош од државата. Ќе обезбедиме покрив за бездомните лица. Ќе ги гониме сите насилници во семејствата, а ќе ги заштитиме жртвите. Само оваа година 4 жени беа убиени дома. Ќе се посветиме на развој на домашните мали и средни претпријатија и ќе ја зголемиме драстично државната помош за нив од 200 илјади евра, на 20 – 50 милиони евра.
Ќе го поддржуваме приватниот сектор преку програми за сопствен бизнис. Ќе креираме деловни старт-ап центри во сите поголеми општини, во коишто државата ќе обезбеди деловен простор за повеќе ново-основани компании. Ќе создадеме можност за основање посебен вид трговско друштво со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Ќе работиме на привлекување и на домашни, но и на реални странски инвестиции. Во првите 100 дена ќе подготвиме детална анализа од вложувањата и придобивките од процесот на привлекување странски компании. Во делот на инфраструктурата нашата намера е на секој граѓанин, без разлика дали живее во град или во село, да му се овозможи да има свој пристапен пат, водовод и канализација, елементарни услови за 21 век. Предвидуваме вложување во 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта,1000 километри локални патишта.
Планираме модернизација и проширување на железничка инфраструктура во Република Македонија, брза пруга Табановце – Гевгелија. Предвидуваме приградски патнички сообраќај што ќе се состои од 4 краци во и околу Скопје. Ќе воведеме механизам за поголема сигурност кај граѓаните за квалитетот на градбите. Заради погрешната енергетска политика, денес Република Македонија е голем зависник од увоз на сите видови енергија, поради што граѓаните плаќаат скапа струја. Имаме конкретни планови за развој и работа на енергетските капацитети во земјава со што ќе намалат трошоците за енергија во Македонија.
Македонското сонце да биде извор на енергија за секое домаќинство. Природениот гас да биде достапен во цела Македонија. Со изградба на магистрални гасоводи до сите урбани средини и со изградба на дистрибутивни мрежи ќе овозможиме користење на природениот гас, како евтин и еколошки енергенс за секого во земјава.
Исклучените потрошувачи од системот за парно греење нема да бидат должни да плаќаат надоместоци за топлинска енергија. Планираме вистински земјоделски развој и достоиствен живот за земјоделците.Ревизија на државно земјоделско земјиште и негова правилна распределба. Повисоки и навремени субвенции. Ослободување на земјоделците од персоналниот данок. Еднаков третман при пензионирање за земјоделците. Зелена нафта како гориво за земјоделството. Земјоделскиот производ ќе има пласман по достоинствени цени. Ќе обезбедиме европска иднина на граѓаните и квалитетен живот. Тоа значи изградба на клучните сфери во општеството, образованието, здравството, животната средина, културата, по европски терк. Уште на почетокот на мандатот ќе направиме јавна расправа за промена на концептот на образование, по примерот на една земја од Европската унија.
Ќе го укинеме екстерното тестирање. Ќе ги намалиме наставните содржини во основното и во средното образование. Ќе ја вратиме автономијата на универзитетот и достоинството на професорите. Ќе воведеме практична настава во средните училишта и на факултетите. Ќе се фокусираме на младите. Планираме проект “Гаранција за млади“, поддршка за вработување, студентска платежна картичка. Ќе ги задржиме лекарите во Македонија. Зголемување на платите на здравствените работници.Ќе ги вратиме јавните стоматолошки амбуланти во училиштата. Обединување на Клиничкиот центар со функционално поврзани клиники.
Изградба на нова и современа еколошка инфраструктура. Мониторинг системи за квалитет на воздух, вода и почва. Ќе обезбедиме поволни кредити за замена на еколошките застарени технолошки линии и инсталација на ефикасни системи за намалување на загадувачките емисии. Ќе спроведеме вистинска, ефикасна контрола и спречување на загадувањето. Слободна и европска култура. Отстранување на промовирањето на кичот од страна на државата. Темелно преиспитување на проектот “Скопје 2014“. Ќе обезбедиме нова конкуренција на мобилните оператори, за да ги намалиме цените на услугите и граѓаните да имаат поквалитетни услуги. Ќе овозможиме интернет во секое место.
Ќе посветиме внимание на мерките и активностите за забрзан локален економски развој и за рамномерен регионален развој на целата територија на земјата. Волјата на граѓанинот ќе биде пред се. Ќе се намали цензусот за референдумско изјаснување на граѓаните за прашања од локално значење. Граѓаните ќе добиваат квалитетни услуги на едно место. Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните 2 процента од населението на 20 проценти на населението.
Внесуваме нова енергија во евроатлантските интеграции. Членството во НАТО и ЕУ се наши стратегиски определби. Знаеме дека е погрешно да се мисли дека членството во НАТО и ЕУ сами по себе ќе ја подобрат нашата иднина. Но, без интеграција во ЕУ и НАТО, државата нема иднина, посебно кога сите останати држави од регионот напредуваат во тој правец.
Поаѓајќи од Уставот на Република Македонија, за прашањата од највисок државен и национален интерес, СДСМ активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата. Идната влада што ќе ја предводи СДСМ реално ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија остануваме на определбата за референдумско изјаснување на граѓаните. Ќе ги унапредиме комуникациите со припадниците на дијаспората, како што тоа веќе активно го правиме. Нашата цел е почеток на преговори за членство во ЕУ најдоцна до 2017 година. Ќе обезбедиме достоинствено функционирање на војниците. Ќе обезбедиме буџет за потребите на одбранбениот сектор и финансирање на одбраната согласно НАТО стандардите. Ќе обезбедиме ефикасен систем за управување со персоналот во МО и АРМ.
Ќе градиме едно општетство, граѓанска држава на сите што живеат во Македонија: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други помали заедници. Планираме воведување елементи на мултикултурно образование, мултикултурно запознавање за сите деца уште во најраната возраст, преку проекти и активности што развиваат чувство на слобода, толеранција и соживот. Планираме заштита на јазиците на другите заедници, афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците. Во Македонија, сите ќе имаат еднакви права. Ќе спроведеме Попис на населението, според меѓународни критериуми и стандарди.”-посочи Заев.


