Година на неизвесност и несигурен извоз за македонските компании

од desk3
79 прегледи

Годината што почнува, за македонските компании носи неизвесност и несигурност на извозот на производите на странските пазари. За домашниот пазар, велат дека се губи куповната моќ на населението, а за странскиот големо влијание имаат глобалните случувања, како забавување на порастот на кинеската економија и европското ембарго кон Русија.

Претседателот на Здружението на металургија при Стопанска комора, Митко Кочовски, вели дека металуршките компании веќе подолго време работат на минимум и не се рентабилни. Извозот за следната година е неизвесен, заради случувањата на глобалните пазари.

fabrika

– Забавување на економската активноста на Кина, продолжување на ембаргото кон рускиот пазар, одобрувањето на кредити е под знак прашање и сето ова негативно влијае врз намалување на производството. Помалото производство значи намалување на извозната и увозната активност – вели Кочовски.

Во овој период текстилните компании работат со полна пареа, а како ќе биде за следната година, претседателката на Текстилниот кластер, Маријана Перковска вели дека неблагодрано е да се каже. Порачките се од месец за месец, а се зависи и од економската и политичката состојба на државите каде што извезуваат. Перковска додава дека, добро е што Европа се врти повторно кон земјите од Балканот како добавувачи.

Gallup за 2016 : Само 25% од Македонците очекуваат ек. просперитет, 30% не очекуваат, 38% се неутрални…

– Можеме да се надеваме само извозните компании да работат добро, бидејќи тие што се ориентирани кон домашниот пазар, немаат добри изгледи бидејќи куповната моќ е многу слаба. Во моментот има нарачки до март, а не се знае што ќе биде после тоа кога е одлучувачки период. Текстилната е сезонска работа, и периодот кога има нарачки не е доволен за да го покрие периодот кога компаниите немаат работа – вели Перковска.

Марта Наумовска Грнарова од „Завар дизајн“, компанија која 85 проценти од производството го извезува вели дека побарувачката се намалува, а конкуренцијата се зголемува, па оттука и условите за работа нема да бидат полесни.

-Нема причини зошто да биде подобро. Околностите за работа нема да бидат полесни, но колку побрзо сфатиме, реагираме и се прилагодиме ќе бидеме подготвени за да се носиме со конкуренцијата- вели Наумовска Грнарова.

Споре неа, инвестиции во производство, нови технологии, кадар, додадена вредност на производот е она што не прави конкурентни надвор.

 

META