Гошев: Фискален совет не може да и помогне на апашка економија

од Vladimir Zorba
183 прегледи

„Домашен“ фискален совет не би функционирал. Тие што би го избрале не би избрале личности со интегритет и не би им дале  овластувања со кои би си го суспендирале своето политичко влијание и моќ, вели поранешниот гувернер Петар Гошев во анализата во „Слободен печат“.

petar gosev 1(1)

„Така е до сега, зошто би правеле нешто друго? Затоа идејата на Костов е фискален совет доминиран од странски резиденти – експерти. Преку вториов случај би можело да се составуваат буџети кои ќе водат сметка за ненарушување на финансиската стабилност преку каналот на јавните финансии, под претпоставка таквиот совет да го има крајниот збор за обемот на расходите и приходите, што значи и за големината на буџетските дефицити, односно домашното и странско задолжување, a не Парламентот на РМ.

Сепак мислам дека работата е посложена. Ако фискалниот совет (доминиран од странци, со по некој наш домашен фикус заради  уметнички впечаток) се формира и добие одлучувачки збор за, на пример, обемот на приходите и расходите, со тоа и за потенцијалните дефицити, односно домашно и странско задолжување, остануваат бројни други, не помалку важни прашања за функционирање на јавните финансии, во рацете на политичката власт добиена на парламентарни избори, без чие успешно совладување и третирање нема да ги совладаме денешните будалаштини и арамилаци на товар на јавните пари.

Имено, фискалниот совет нема да одлучува за тендерите преку кои се крадат јавните пари и добар дел од нив се изнесуваат надвор од државата. Фискалниот совет нема да одлучува дали да се градат споменици, да се садат врби, да се градат тркала во фекалиите на Вардар, дали субвенциите ќе завршат кај Миленко, Пиленко, Багабундо и слични; Фискалниот совет нема да одлучува какви видови даноци ќе плаќаат граѓаните и фирмите – номинално еднакви за сите, преку што, покрај останатото, се произведува денешнава огромна социјална нееднаквост и се стимулира иселувањето од земјата, или пак прогресивни, во зависност од економската моќ со кои се обезбедува поголема социјална правичност; Фискалниот совет нема да усвојува закони а со нив, како што знаеме може, односно се дерогира и најдобро смислена фискална политика, итн. Фискалниот совет нема да одлучува колку даночната полиција ќе им земе пари на фирмите пред изборите и колку од нив ќе затвори само затоа што „не биле нивни“, не биле со власта; Фискалниот совет нема да одлучува дали со тајни договори и колкави износи ’државна помош’ ќе им се даде на странските компании од парите на домашните фирми и домашните резиденти; итн, итн…

Со сето ова не велам дека некој вид фискален совет не може да биде од помош, барем во даденава ситуација. Но каков и да е, и тоа прашање зависи од политичката волја на сегашните политички сили во Македонија, поконкретно, од оваа збирштина на бандити што ја растураат државата по сите линии. Ако пак и оваа идеја зависи од волјата на странците, а ништо од нас самите, тогаш јас останувам на моето повторувано решение и главно барање упатено до странците: одлучувачки да помогнат апашите да одат во зандана, да бидат исклучени од изборниот процес, бидејќи и краделе безмилосно и лажирале избори колку им требало.

Така ќе го добиеме најуспешниот фискален совет. Со нив (со арамииве) ниту Господ, одново да не создава, нема да ни биде ништо од помош!“, анализира  за „Слободен печат “Гошев.

повеќе тука