Во интервју за 360 степени, Ерван Фуере вели дека не знае дали се веродостојни укажувањата дека зад амбивалентниот однос на ЕК кон Македонија се крие ветување на Никола Груевски дека ќе го реши прашањето за името, но отворено признава дека Груевски и порано се пазарел со оваа тема.
-Се сеќавате дека во 2009 година (кога Фуере е амбасадор на ЕУ во Македонија) Европската комисија предложи безусловна препорака за почеток на преговори, потег што беше преземен врз основа на разбирање дека премиерот ќе го насочи сиот напор за решавање на прашањето за името. За жал, како што видовме, тоа беше пропуштена шанса, ветување што не беше исполнето. Во 2007/2008 година владејачката партија се обиде да го искористи и признавањето на независноста на Косово и за возврат од ЕУ да добие почеток на преговори. Сето ова се тактики за прикривање на внатрешната состојба и не сметам дека е кредибилно ЕУ да прифати такви ветувања од влада која веќе била дискредитирана со толку пропуштени шанси во минатото“, вели Фуере во интервјуто