Задолжени до гуша, граѓаните се во минус 1,2 милијарди евра

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Банките за една година им одобриле на граѓаните 14,7% повеќе потрошувачки кредити и долг на кредитни картички, со што вкупната задолженост на граѓаните за лична потрошувачка изнесува 1,2 милијарди евра, покажуваат последните податоци за декември што ги објави Народната банка.

plata-630x336

Брзиот раст на потрошувачките кредити предизвика загриженост кај Народната банка и поради тоа донесе мерки за ограничување на овие кредити.

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов вели дека банките водејќи се од својот деловен интерес, последните две години ги гледаат потрошувачките кредити како начин за зголемување на својата каматна маргина и за диверзификација на ризикот на поголем број мали клиенти.

„Големата слика што ја гледа Народната банка покажува брз раст на потрошувачките кредити, особено на оние со рочност од над десет години, висока стапка на раст на лошите потрошувачки кредити и зголемување на износот на задолженост по поединечни клиенти. Значи, банките се борат за исти клиенти кои ги преземаат една од друга нудејќи им поголеми кредити на подолги рокови, по фиксни каматни стапки за првите три години. Тоа на краток рок изгледа атрактивно за банките и за клиентите, но еден ден ќе предизвика сериозни проблеми и кај оние што ги даваат и кај оние што ги земаат кредитите. Амбиентот на ниски каматни стапки нема да трае вечно“, вели Богов.

Тој потсетува дека Американските Федерални резерви веќе почнаа со зголемување на каматната стапка, а во 2017 или 2018 година се очекува истото да  го направи и Европската централна банка.

„Токму тогаш истекува рокот во кој потрошувачите плаќаат фиксни камати за земените кредити. Потоа ратите за отплата драстично ќе се зголемат, а многу граѓани нема да можат да ги плаќаат. Народната банка го препозна тој ризик и донесе мерка со која бара од банките соодветно да го земат предвид повисокиот ризик кај потрошувачките кредити подолги од осум години и да обезбедат поголем капитал за да го покријат истиот“, потенцира Богов.