Сакам да ја поддржам јавноста која што е згрозена од оваа експозитура на злостроничкото здружение, вели Петар Гошев поранешен гувернер и министер, кој денеска протестираше пред Уставниот суд-пренесе А1он.
Демонстрантите фрлаа тоалетна хартија и носеа пароли: „Бандо криминална“, „Сиктер мафијаши“ и „Партиска држава“.
– Протестирам затоа што како граѓанин сум должен да спречам неправда. Уставниот суд треба да ја штити поделбата на власта, а не да ја крши со брзина на светлината. Сето ова се случува затоа што на злосторничкото здружение му се брза да обезбеди амнестија. Сакаат да обезбедат амнестија за тие што фалсификувале лични карти, што спречувале да гласаат граѓани, што рекле „едно ливче нека снема“, што организирале да гласаат починати лица, што вршеле поткуп со наши буџетски пари – рече Жарко Трајановски од граѓанската платформа „Ајде“.
Новинарот и активист Петрит Сарачини рече дека тие што направиле изборен криминал и заплашувале граѓани треба да бидат казнети.

– Шупливата фасада што е изградена со пари на граѓаните, зад себе крие незнаење и некомпетентност. Уставниот суд молчи за секојдневното кршење на човековите права, кое поминува неказнето. Оние петмина судии што ги надгласуваат другите и што работат според дикататот на тефтерчето, ги повикуваме да гласаат според волјата на граѓаните затоа што уште малку време остана, а граѓаните го губат трпението – рече Сарачини.